Парламентот на Албанија усвои резолуција за сеќавање и почитување на жртвите од геноцидот во Сребреница во Босна и Херцеговина, која беше предложена од страна на владејачката Социјалистичка партија на Албанија.
Резолуцијата беше усвоена со 113 гласа „за“, ниту еден против и воздржан од 113 пратеници кои учествуваа на гласањето, од вкупно 140 пратеници. Пред почетокот на седницата имаше едноминутен молк во чест на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Претседателката на Парламентот на Албанија, Линдита Никола, рече дека последиците од геноцидот во Сребреница се и ќе останат како горчлив спомен за човештвото.
„Почитувањето на жртвите во Сребреница е ветување дека повеќе нема и не треба да се повтори тоа“, нагласи таа.
Претседавачот со Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, преку видеопорака истакна дека Албанија и Босна и Херцеговина се исклучително пријателски земји.
„Трагедијата во Сребреница стана планетарен симбол на страдањето и криминалот во модерната епоха“, нагласи Џаферовиќ.
Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, рече дека им честита на колегите за оваа иницијатива за прогласување на 11 јули како Ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Според резолуцијата, Парламентот на Албанија остро ја осудува секоја тенденција и акт за јавно негирање на геноцидот во Сребреница, било намерно или не, прикривање на мотивите, пофалба на сторителите, иницијаторите и поддржувачите на овој геноцид.
Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на Обединетите нации“ во Сребреница.
Жртви на геноцидот беа 8.372 лица. Десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.