Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во посета на Босна и Херцеговина     Фото: АА

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ ја предводи хрватската владина делегација која денес е во посета на Босна и Херцеговина. По состанокот на делегациите на Владата на Хрватска и Хрватскиот народен сабор (ХНС), премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ се обрати пред медиумите.

Пленковиќ во однос на најавите на наметнување измени на Изборниот закон во БиХ од високиот претставник Кристијан Шмит, рече дека содржината на одлуките за кои овие денови се говори во јавноста за сега ги знае само високиот претставник. Тој ги коментираше најавите за протести пред зградата на ОХР во Сараево.

„Реакциите од Сараево откриваат. Високиот претставник веќе ги користеше бонските овластувања. Неодамна наметна одлука за финансирање избори и тогаш не видов оспорување. Содржината на одлуките, претпоставувам, детално ја знае само тој. Хрватите и Бошњаците на референдум гласаа за самостојна БиХ. Потоа Вашингтонскиот договор беше темел за соработка на Хрватите и Бошњаците, како и за поддршка на Хрватската војска во клучни воени операции во 1994 и 1995 година за остварување на мирот и подоцна Дејтон кој е темел за денешниот Устав на БиХ. Поента е ефективноста. Зарем не е најприродно Хрватите кои гласале и се бореле за самостојна БиХ да бидат во можност да партиципираат во власта. Овие реакции се претерани. Треба да се смири топката, за да на најдобар начин се спроведат изборите“, рече Пленковиќ.

„Предлогот на Шмит е урамнотежен“


Насоката која замислил да ја заземе Шмит е добра и корисна за БиХ, смета Пленковиќ.

„Тоа е урамнотежен предлог кој води сметка за сите граѓани и народи во Босна и Херцеговина. На Хрватска и е во интерес стабилна и демократска БиХ во која Хрватите ќе бидат рамноправни. И тоа е константа во нашата политика. На тоа им укажуваме на партнерите. Хрватска е транспарентна и јасна. Работиме како сосед и пријател“, рече Пленковиќ.

Тој изјави дека сакаат „БиХ економски да се развива, зајакнувајќи ги односите во корист на двете земји.“

„Ние сме пред отворање на Пељешки мост- најголем, капитален проект за Република Хрватска од кога е членка на ЕУ. Веруваме дека тој проект додатно ќе ги зајакне врските на Босна и Херцеговина и Хрватска. Тој е смислен така да протокот на луѓе и стоки преку Неум ќе биде помалку оптеретен отколку досега. Сакаме уште потесна соработка со Босна и Херцеговина. Оваа година инвестиравме преку 500 милиони куни во Босна и Херцеговина. Ќе кофинансираме болница во Мостар, завршување на Хрватскиот народен театар и Универзитетот Мостар, кој претставува вистинско знаење и иднина“, најави претседателот на хрватската влада, Пленковиќ.

Хрватска и Босна и Херцеговина имаат заеднички вредности

Тој повтори дека Хрватска води грижа за Хрватите во БиХ, и дека е посебно врзана за своите соседи.

„Хрватска и БиХ се исклучително поврзани. Имаат заеднички вредности со желба на БиХ да и помогнеме на патот кон ЕУ. Највеќе се залагаме за кандидатскиот статус на БиХ. Работевме на тоа да се скратат критериумите на помал број од 14, за да БиХ полесно ги исполни предусловите за кандидатски статус. Тоа, верувам, тука го препознаа. Што се однесува до нашите односи и контакти, важно е дека продолживме со соработката која се манифестира со фактот дека во БиХ и Хрватска денес се на ниво од 2,5 милијарди евра стокова размена, и дека Хрватска со бројни компании е втор инвеститор во БиХ“, изјави Пленковиќ.

Додаде дека сакаат атмосферата во БиХ да биде помирна.

„Жал ни е што на ниво на партиите не е постигнат договор за изборните реформи. Сметавме дека дијалогот на политичките претставници е најдобар начин да се дојде до прифатливи решенија. Не дојде до консензус ниту откако се вклучија ЕУ и САД. Задоволни сме што претседателот на Европскиот совет се ангажираше да ги собере лидерите за да направат исчекор кон договорот и подобро функционирање на земјата“, рече Пленковиќ.

AA
Популарни