Промовиран „One stop shop“ помеѓу Северна Македонија и Албанија / Photo: Влада на РСМ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама, денеска, на заеднички настан го пуштија во употреба концептот „One-stop-shop“, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане.

На настанот на кој присуствуваа министри во двете влади, пратеници, како и највисоки претставници на институциите за царинско управување на двете земји, се обратија двајцата премиери, како и првиот вицепремиер Артан Груби и вицепремиерката на Албанија и министерка за инфраструктура, Белина Балуку.

Воспоставениот едношалтерски систем за заеднички контроли на македонска и албанска страна, според премиерите на двете држави, ќе значи олеснување на трговијата, транспортот и протокот на патници.

Ковачевски: Ова е потврда за заложбите на двете влади за зајакнување на економските процеси

Ковачевски во своето обраќање ги истакна конкретните чекори од страна на двете влади, во насока на поврзување на граѓаните и на економиите на двете земји.

Промовиран „One stop shop“ помеѓу Северна Македонија и Албанија Влада на РСМ

Тој истакна дека проектот „One-stop-shop” е уште една потврда за заложбите на Владата на Северна Македонија и Владата на Албанија за зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал не само меѓу нашите две земји, туку и меѓу земјите на Западен Балкан.

„Денес овозможуваме побрз проток на нашите граѓани, помеѓу двете држави и побрз проток на компаниите кои што транспортираат производи на најголемиот граничен премин помеѓу двете држави. Овозможувањето на проток на луѓе и капитал истовремено ги зголемува и врските помеѓу луѓето, комуникацијата помеѓу луѓето. Го зголемува и дружењето помеѓу луѓето, нешто што цел половина век фалеше помеѓу Албанија и во тоа време Македонија“, рече Ковачевски.

Тој додадде дека денес сето тоа е минато и денес тие претставуваат пример како треба да се однесуваат две соседни држави.

„Со ова се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз, кои се ориентирани кон трговија со други држави. На овој начин означуваме полесен пристап до пристаништата во Албанија. На овој начин овозможуваме полесен пристап и до туристичките места во Албанија, меѓутоа и до туристичките места во Северна Македонија. Најубавите се тука токму на неколку километри од овој граничен премин“, истакна Ковачевски.

Тој уште еднаш го потврди ставот дека на Балканот не му требаат граници и оти соработката со Албанија и Србија е на исклучително високо ниво. Со отпочнување на иницијативата Отворен Балкан, нагласи, трговската размена со Албанија е зголемена за 40 проценти, додека со Србија е за 50 отсто, што е бенефит и од интерес и на граѓаните и на компаниите.

Рама: Ова е важен момент за сите кои минуваат низ оваа гранична точка

Рама во својот говор ја оцени важноста на оваа заедничка одлука.

„Ова е важен момент за сите кои минуваат низ оваа гранична точка, без разлика дали се поединци или компании кои тргуваат меѓу двете земји. Тоа е важен момент бидејќи конечно значително ја олеснуваме транзицијата кон оваа точка и дефинитивно даваме дополнителен поттик не само на трговската размена, туку и на развојот на нашите односи во целина, без да го заборавиме развојот на туризмот“, рече Рама.

Меѓу другото, Рама истакна дека „како ниедна друга година, протокот на туристи, но и бројот на големи меѓународни инвеститори заинтересирани да инвестираат во туристичката индустрија во Албанија, заедно со Албанците во дијаспората, па дури и оние кои живеат во Албанија, е навистина многу охрабрувачки.“

Рама нагласи дека натамошниот развој и посакуваниот раст на туристичката индустрија, како и посакуваниот раст на другите производни сектори бараат комплексен пристап.

За потсетување, во август 2019 година со тогашниот македонски премиер Зоран Заев и српската премиерка Ана Брнабиќ официјално го пуштија во употреба интегрираниот граничен премин помеѓу Србија и Северна Македонија.

Тогаш беше нагласено дека со спојувањето на граничните и царински контроли на Табановце и Прешево минувањето на српско-македонската граница ќе се спроведува на едно место.

TRT Balkan / агенции
Популарни