БиХ има уште многу работа да направи, вели Руте / Photo: AA

Премиерот на Холандија, Марк Руте, денеска во Сараево изјави дека пред отворањето на преговорите е неопходен суштински напредок за Босна и Херцеговина во однос на 14-те приоритети од мислењето на Европската комисија и дека земјата има уште многу работа да направи.

По средбата со претседавачот на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто, Урсула фон дер Лајен и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, Руте рече дека средбите со претставниците на властите во БиХ дале широка слика за состојбата во БиХ во контекстот на европскиот пат и следните чекори.

„Холандија и Босна и Херцеговина уживаат силни долгорочни врски. Имаме заедничка историја со темна страна која создаде нераскинлива врска меѓу сите нас. Страна на која секогаш мора да се навраќаме, нешто на кое секогаш мораме да се сеќаваме и да ги слушаме гласовите на оние кои, за жал. повеќе не можат да ни се обратат“, рече Руте.

Тој додаде дека е задоволство за Холандија да помогне во изградбата на БиХ и тоа да го прави преку мисијата ЕУФОР.

„Ги поддржуваме европските амбиции на БиХ, бидејќи на крајот наш заеднички интерес е БиХ да го заземе своето место на масата на европското семејство, како единствена и суверена држава“, рече Руте.

Тој додаде дека тоа е и во интерес на ЕУ, земјите кандидати да бидат што посилни и просперитетни. Тој исто така нагласи дека процесот на пристапување се оценува врз основа на конкретни резултати.

„Реформите се нераскинлив дел од овој процес. Ако ја погледнеме моменталната ситуација, мислам дека треба да бидеме искрени и да кажеме дека има уште многу работа за БиХ пред земјата да го постигне потребниот степен на исполнување на условите за понатамошни чекори. Потребен е значителен напредок на сега познатата листа од 14 клучни приоритети пред да стигнеме до следната фаза од отворањето на преговорите“, рече Руте.

Минатата година Холандија се спротивстави на отворањето на преговорите со Босна и Херцеговина, а на новинарско прашање дали ќе се премисли како премиер на таа земја, Руте рече дека се уште не е подготвен.

„Што се однесува до Холандија, целиот процес мора да се заснова на исполнување на критериумите, на постигнување резултати. Нема покус пат. Мораме да бидеме апсолутно сигурни дека БиХ постигнува резултати во областа на владеење на правото, спречување на судир на интереси, договорот со Фронекс. Има многу работа во следните шест недели доколку сакаме да имаме позитивна одлука за отворање на преговорите во март, така што во овој момент не сум подготвен, но денешните соговорници ме уверуваат дека работат на тоа и тоа е охрабрување, но треба да видиме дали ќе се случи. Ние сме на располагање да обезбедиме поддршка, но ова се доста големи и тешки задачи“, рече Руте.

AA
Популарни