Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
На состанокот премиерот Ковачевски беше придружуван од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Високиот американски претставник Шоле беше придружуван од заменик-шефот на Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер и од претставници од Амбасадата.
Според соопштението испратено од Владата на Северна Македонија, на состанокот е нагласена големата поддршка од САД во натамошниот напредок на Република Северна Македонија.
„Оценето е дека традиционалното, искрено и долгогодишно пријателство со САД има големо значење во развојот на демократските, реформските и интеграциските процеси на Република Северна Македонија. Констатирано е дека стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД е силна поддршка на сите важни процеси за демократската иднина на државата и за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните“, се истакнува во соопштението.
На средбата е разговарано за актуелни прашања од значење за евроинтеграциите на државава, за справувањето со економско-енергетската криза, за ситуацијата во регионален контекст.
Во таа насока е потенцирана јасната поддршка од САД за напредокот во евроинтеграциите на Република Северна Македонија, како прашање од значење и за европските перспективи, стабилноста и безбедноста и во регионот, што се покажа особено неопходно, по војната во Украина.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото пријателство и стратешко партнерство со САД, во билатералните односи и во рамки на Алијансата.
„Претседателот на Владата, Ковачевски, оцени дека ова е многу важен состанок, со значаен претставник од САД, на којшто има можност да се поразговара за најактуелните теми коишто се однесуваат на задржувањето на реформскиот курс на државата и на потребните одлуки што треба да се донесат во текот на 2023 година, со цел Северна Македонија непречено да ги продолжи преговорите со ЕУ. Во таа насока, премиерот Ковачевски ја посочи потребната конструктивност во Парламентот за усвојувањето на уставни измени, со цел придвижување на европскиот пат“, се наведува во соопштението.
На средбата премиерот Ковачевски го посочи значењето на постојаната соработка што ја има Северна Македонија со САД во борбата против корупцијата и владеењето на правото, со цел да се унапреди владеењето на правото и да се засили борбата против корупцијата.
Како што стои во соопштението, како една од темите беше претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, при што премиерот Ковачевски посочи на подготовките на министерот Османи за презентација на приоритетите на македонското претседателство со ОБСЕ во текот на наредните денови во Виена.
Исто така, посебно внимание беше посветено на делот околу справувањето со енергетската криза, на што Владата е силно посветена, а има поддршка и од партнерите од САД.
По состанокот, којшто помина во исклучително позитивна атмосфера, договорен е нов состанок во делот на стратешкиот дијалог што го има Република Северна Македонија со САД, што е предвидено да се случи во првата половина на оваа година.
Денеска советникот Шоле од Скопје ќе отпатува и во Косово, а в четврток ќе ја посети и Србија, каде што со владините претставници, меѓу другото, ќе разговара за дијалогот олеснет од Европската Унија за да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, фокусиран на меѓусебното признавање.