Српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека двете земји тројно ја зголемиле трговската размена и дека Туркије е најмоќната земја на Балканот од која очекуваат поддршка во сите процеси.
Српскиот претседател Вучиќ по средбата со Ердоган и потпишувањето на 11 договори за соработка меѓу двете земји изјави дека разговарале за сите важни геополитички и други теми, како и за проблемите со кои се соочуваат двете земји поединечно и заедно, како и за односите со Европската Унија.
„Туркије и Србија имаат добри економски односи. Трипати ја зголемивме трговската размена, во споредба со пред само неколку години. Претседателот Ердоган ја даде задачата и рече дека е сон и цел да се постигне трговска размена од пет милијарди евра. Во првите осум месеци од годинава имавме размена од речиси две милијарди, што значи дека ќе ја завршиме годината на некои 2,6 милијарди и нешто повеќе“, рече Вучиќ.
Вучиќ истакна и дека Турците се турист број еден во Србија и дека Туркије е земја со која се обидуваат да градат пријателски односи.
„ Нашата соработка мора да расте во сите сфери на општественото живеење и ние сме им благодарни на турските инвеститори. Реков дека во Србија има места кои буквално опстојуваат благодарение на некои од турските инвеститори“, рече Вучиќ.
Тема на разговор меѓу двајцата лидери била ситуацијата на Балканот.
Вучиќ рече дека Ердоган секогаш се залагал за дијалог и мир на Балканот. Српскиот претседател уште еднаш ја повтори поддршката на неговата земја за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и интегритетот на ентитетот на Република Српска во Босна и Херцеговина.
„Ние високо ја цениме политичката позиција на претседателот Ердоган, кој води независна, суверена земја, во интерес на граѓаните и народот на Туркије, а не во интерес на некои други сили“, рече Вучиќ и додаде:
„Благодарен сум на Реџеп Таип Ердоган што секогаш можевме отворено да разговараме, дури и кога не се согласувавме целосно за некои прашања“.
Претседателот на Србија му се заблагодари на турскиот претседател за, како што рече, доброто разбирање на проблемите на Балканот и што знаел дека мирот и дијалогот се единствениот начин за решавање на проблемите.
„Претседателот Ердоган има многу идеи и многу од тоа што разговаравме, како трајно да го зачуваме мирот и како сите ние да ја подобриме нашата соработка и соодветно на тоа ќе се обидеме да шириме и да покажуваме нешто поинакво, би рекол знаци и сигнали кон Босна и Херцеговина и обратно и да им гарантираме на оние кои доаѓаат по нас, безбедност, мир и посветеност на решавањето на проблемите, особено на економскиот развој. Туркије е еден од, односно најголемиот играч на Балканот и од неа очекуваме поддршка во сите овие процеси. Благодарен сум му на претседателот Ердоган што секогаш тоа го сакаше и секогаш тоа го нагласувал и дека секогаш сака да разговара со сите“, рече Вучиќ."
Вучиќ истакна и дека Србија не е заинтересирана за војни, но дека земјата треба да има доволно сила да одврати некого.
На крајот, тој рече дека Ердоган го променил ликот на Туркије и ја направил „една од најмодерните земји во светот“.