Прва средба во рамките на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година на високо политичко ниво помеѓу Србија и Косово ќе се одржи на 18 август во Брисел.
Информацијата ја потврди портпаролот на Европската Унија (ЕУ) Петер Стано, во писмена изјава до медиумите.
„Можам да потврдам дека откако високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел ги покани двете страни во Брисел, претседателот на Србија (Александар) Вучиќ и премиерот на Косово (Албин) Курти ја прифатија неговата покана и ќе дојдат во Брисел на 18 август“, се наведува во изјавата на портпаролот Стано.
Според изјавата на Стано, српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти ќе бидат примени од шефот на европската дипломатија Борел, како и од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, за да заеднички да разговараат за „патот напред во дијалогот меѓу Приштина и Белград“.
Курти и Вучиќ последен пат се состанаа во Брисел во јули минатата година. Ова ќе биде прва средба меѓу двајцата лидери во рамките на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година.
Поканата за средба од ЕУ, се случува во време на зголемени тензии во односите помеѓу Србија и Косово кои настанаа откако Србите на северот на Косово ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак.
Блокадите беа поставени на 31 јули, ден пред стапувањето на сила на одлуката на Владата на Косово за издавање документи за влез-излез за српските државјани кои влегуваат во Косово и за промена на српските регистарски ознаки на возилата.
Премиерот Албин Курти заедно со претседателката Вјоса Османи и вицепремиерите Бесник Бислими и Доника Гервала Шварц остварија контакти и состаноци со американски и европски меѓународни фактори, после што е донесена одлука мерките на реципроцитет на српските документи да се одложат за 1 септември, доколку се отстранат сите бариери на патиштата и доколку се овозможи слобода на движење на северот на Косово.