Вучиќ: Србија непоколебливо ја поддржува политиката на „една Кина“ / Photo: Tanjug

Односите меѓу Белград и Пекинг влегуваат во нова фаза на развој, особено преку плановите за сеопфатна економска соработка рече претседателот на Србија Александар Вучиќ на средбата со заменик-министерот на меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, Џијан Хонгшан.

Двајцата зборуваа за бројни аспекти на стратешкото партнерство при што Вучиќ ја повтори својата благодарност до кинескиот претседател, Народна Република Кина и Комунистичката партија на Кина за поддршка на територијалниот интегритет на Србија и за нејзината независност.

„Вучиќ особено истакна дека Србија непоколебливо и доследно ја поддржува политиката на „една Кина“ на сите меѓународни форуми“, соопшти прес-службата на претседателот.

Според Вучиќ, односите меѓу Белград и Пекинг влегуваат во нова фаза на развој, особено преку плановите за сеопфатна економска соработка, подобрување на трговската размена и прилив на нови кинески инвестиции.

Тој ја изрази поддршката на Србија за Иницијативата за глобален развој, како формат кој се залага за создавање поволна средина со цел да се забрза глобалниот развој и истовремено да се поттикне еднакво и рамномерно развојно партнерство.

Претседателот истакна дека „иницијативите на претседателот Си Џинпинг имаат посебна тежина, бидејќи тие се насочени кон општото добро на човештвото со фокус на поврзаноста и соработката, без разлика на големината и вистинската сила на државите на меѓународната сцена.“

Заменик министерот Чи Хонгшан истакна дека добрите односи меѓу двајцата претседатели и нивните бројни средби влеваат силна движечка сила за понатамошен развој на соработката меѓу Србија и Кина и додаде дека неговата земја е подготвена дополнително да го зајакне сеопфатното стратешко партнерство со Србија.

На средбата присуствуваше и амбасадорката на Народна Република Кина, Чен Бо.

TRT Balkan / агенции
Популарни