Вучиќ: Србија сака разговор со Приштина, но не зборуваме за признавање / Photo: AA Archive

Српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи го состанокот со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, изјави дека е подготвен да разговара за таканаречената „Мапа на патот“, но дека нема да го имплементира членството на Косово во Обединетите нации (ОН), ниту нешто слично.

Вучиќ за време на синоќешното гостување на државната радио-телевизија на Србија (РТС), зборуваше за средбата со косовскиот премиер Албин Курти претходниот ден во Брисел на повик на високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во рамките на дијалогот меѓу Приштина и Белград.

„Во Брисел имаше разговор, не се договоривме, разговаравме, ќе продолжиме и ќе има

уште многу разговори, ништо повеќе од тоа“, рече Вучиќ.

Понатаму, говорејќи за содржината на вчерашниот состанок, Вучиќ продолжи:

„Ајде да направиме план за имплементација, таа „Мапа на патот“ за која зборуваат, а околу која имаше некаков нацрт, но никој тоа не го има договорено и за тоа се разговара. Да ја договориме „Мапата на патот“, што е тоа што го имплементираме. Значи, нема да имплементирам членство на Косово во ОН, ниту нешто слично, а тоа го повторив 50 пати. Значи, ние правиме имплементационен план и за тоа ќе доаѓа Мирослав Лајчак во Белград и Приштина“, рече Вучиќ, и додаде:

„За сè друго подготвен сум да зборувам, сакам нормализација, не се срамам од тоа, но ова нема да го потпишам.“

„Важно е да разговараме, така на маса не може да се одлучува за вашата кожа без нас. Србија сака да разговара, но не може да се зборува за меѓусебно признавање, за признавање и влез на Косово во ОН“, цитатот на Вучиќ е објавен на неговиот официјален профил на Инстаграм уште за време на интервјуто.

Српскиот претседател за време на гостувањето зборуваше и за Украина, а во дел од интервјуто истакна дека Украина е искрен пријател на Србија.

„Украина е наш искрен пријател кој никогаш не направил ништо против Србија. Никогаш ништо“, рече Вучиќ. На прашањето дали Србија работела против Украина, Вучиќ одговори: „Не, не, ништо“.

TRT Balkan / агенции
Популарни