gragani zagaden vozduh / Photo: TRT Balkan

Годишно околу 5.000 луѓе умираат како последица на загадениот воздух, велат последните податоци на институциите за јавно здравје. Причините за загадувањето веќе во Скопје и поголемите македонски градови се истражени, но што е со конкретни мерки. Може ли група граѓани да направи промена.

Во Скопје се одржа првото Граѓанско климатско собрание кое заседаваше неколку месеци и изработи 33 препораки групирани во категориите јавно здравје, енергетика и транспорт.

Предложените мерки од страна на граѓаните се нова алатка на директната демократија и активно учество на обичните луѓе во процесот на носење одлуки.

Препораките засега се усвоени од Град Скопје, но по серија на седници и несогласување на релации градоначалник и совет на градот, мерките се уште не спроведени, барем не тие кои може да се имплементираат на краток рок.

„Загадениот воздух мислам дека е приоритет за сите нас. Знаеме многу добро колку е сериозна состојбата со загадениот воздух, колку имаме смртни случаи веќе години наназад и сметаме дека е проблем број еден на кој треба да се фокусираме и за кој треба да најдеме решение“, вели Ивана Симјаноска проектен координатор на ЗИП Институт, кои го организираа граѓанското собрание. Речиси секоја година се повторува истиот циклус.

Скопје е на врвот на најзагадени градови во светот. Затоа и фокусот на граѓаните беше да изработат пакет мерки кои ќе помогнат во справување со овој аларамантен проблем.

„Доволен показател е тоа што сме на врвот на листата на најзагадени земји во светот. Расте бројката на белодробни заболувања и инфекции, се поголем е бројот на смртноста, а причина за тоа е загадениот воздух“, вели Рената Илиева учесник во граѓанското собрание.

Зошто токму Граѓанско климатско собрание?

Граѓанското собрание треба да ги застапи сите слоеви на општеството и да биде репрезентативно тело на сите групи на граѓани, па затоа и препорачаните мерки имаат голем легитимитет, и истовремено се поткрепени од група на експерти.

„Дефинитивно има многу предности ваквиот пристап, ваквата директна демократска вклученост и можноста на граѓаните да учествуваат во процесот на носење одлуки особено кога станува збор за животната средина и за животните стандарди“, оценува Симјаноска.

Таа додава дека иако имаме веќе воспоставен политички систем, гласот на народот кој се слуша само еднаш во четири години за време на изборите не е доволен, и дека треба да бидеме вклучени постојано, секојдневно и за секоја проблематика.

Учесниците во граѓанското собрание продолжуваат да ги следат активностите околу мерките и се надеваат дека нивните предлози конечно ќе бидат спроведени.

„Како некој што ги формулирал тие препораки и учествувал во нив имаме мотив тоа да го спроведеме до крај и сето тоа да биде финализирано“, смета Илиева.

Меѓу препораките се редовна хигиена на улиците, повеќе зеленило, пошумување, подобра мобилност и ефикасен превоз, повеќе мерни станици за следење на загадувањето, изградба на пречистителна станица за отпадни води, поголема контрола врз индустриските капацитети, проширување на централното парно греење и уште многу други. Засега, Град Скопје ги усвои мерките, но истите не се спроведени.

TRT Balkan
Популарни