Ковачевски: Францускиот предлог солидна основа за државнички став     Фото: МИА

„Позицијата во која се наоѓаме е далеку поповолна за нас. Стратегијата даде резултати. Предлогот ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изградени ставови“, изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата во врска со францускиот предлог за тргање на бугарското вето за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Според Ковачевски, предлогот предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.

„Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдења во разни форми, сметам дека потонаа. Како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед”, рече Ковачевски по средбата со коалициските партнери за која истакна дека поминала во конструктивна и државничка атмосфера.

Запрашан дали предлогот ќе биде ставен на референдум за да се слушне ставот на граѓаните, македонскиот премиер одговори дека процесот ќе се одвива во рамки на институциите. Ковачевски ја повика и опозицијата на одговорен и државнички однос.

Лидерот на македонската опозиција на прес -конференција изјави дека францускиот предлог е ист со оној кој пред неколку дена беше одбиен од македонската Влада. Според Мицкоски, предлогот ги содржи сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повика на протести утре пред Владата.

Македонскиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека преговарачката рамка нема да биде оптоварена со историски прашања поврзани со спорот со Бугарија.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи истакна дека францускиот предлог е пакет кој содржи европска и билатерална компонента. Според Османи ако македонската Влада го одобри пакетот тој веднаш може да организира потпишување на протоколот.

Од денеска започнуваат консултациите со коалициските партнери во Владата, претседателот, опозицијата, граѓанскиот сектор, медиумите.

По завршувањето на прес-конференцијата францускиот предлог беше ставен на веб-страницата на Владата.

TRT Balkan / агенции
Популарни