Ескалираа протестите во Скопје     Фото: АА



На протестите во Скопје синоќа се повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди, соопшти македонското Министерство за внатрешни работи.

„На сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега.“, соопшти МВР.

Дополнија дека констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите.

„Фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бехатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции“, велат од полицијата.

Оштетени се фасадите на Владата, МНР и Собранието на Република Северна Македонија.

„Демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетено е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило“, дополнија од МВР.

За време на протестот приведени се 11 лица. МВР соопшти дека полицијата не употребила пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата.

„МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста. Преку насилство кон оние коишто го одржуваат редот, кон македонската полиција и објектите на институциите, не се постигнува ништо; дијалогот треба да се води во институциите на системот“, апелираа од МВР.




TRT Balkan
Популарни