На 63-годишна возраст почина Џенгиз Ибрахим, музичар, теоретичар и педагог, виртуоз на канон и уште неколку други музички инструменти.
Ибрахим со години работеше како наставник по музичко образование во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје, каде се одржува настава на турски јазик, а во текот на својата кариера одржа многу концерти во земјата и странство.
Џенгиз Ибрахим е роден во Скопје во 1961 година. По завршувањето на Факултетот за музичка уметност се здобил со звање музичар, теоретичар и дипломиран педагог. Магистрирал на стари турски музички инструменти на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и магистрирал фолклорни науки.
Главни инструменти на кои свири се канун, уд и саз. Работел како музички уредник и водител на Музичка програма во редакцијата на турски јазик при државната Македонска радио телевизија (МРТ). Бил член на групата „Музичари без граници“ од Холандија. Соработувал со бројни истакнати музичари меѓу кои се Влатко Стефановски, бендовите Мизар, Анастасија и други.
Ибрахим компонирал композиции за повеќе театарски претстави.
Тој ќе биде погребан утре, на 15 август, на градските гробишта Бутел во Скопје.
По повод смртта на истакнатиот музичар Џенгиз Ибрахим сочувство изрази Амбасадата на Туркије во Скопје, како и бројни турски институции и организации во земјава.