Функцијата Претседател на Собранието ја вршеше во три мандати   / Фото: Reuters Archive

На 88 годишна возраст почина Стојан Андов, македонски политичар, кој беше прв собраниски спикер во независна Македонија, а оваа функција ја извршуваше во три мандати.

Тој беше еден од политичарите кои ја одбележаа независноста на Македонија која во 1991 година се одвои од Југословенската федарација.

Роден е во Кавадарци на 30 ноември 1935, дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград. Беше основач на Либералната партија, и беше потпретседател на Либералната интернационала.

Привремено ја вршеше и функцијата Претседател на Републиката, по извршениот атентат на претседателот Киро Глигоров во 1995 година.

Еднаш беше и претседателски кандидат, на изборите во 1999 година, но не освои доволен број гласови за влез во вториот изборен круг.

Во повеќе наврати беше избран за пратеник во Собранието.

Активен беше во општествениот и политички живот, и напиша повеќе дела, меѓу кои и сведоштва за првите чекори на македонската нација во независноста, и подоцнежниот развој на државата и политичкиот систем.

TRT Balkan / агенции
Популарни