Претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше и на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации / Фото: AA

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова која учествува на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации имаше серија на активности меѓу кои присуство на дебатата на Советот за безбедност на Обединетите Нации и состанокот на Глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги.

Притоа ја искористи приликата да оствари куси средби со повеќе лидери и претставници на меѓународни организации.

На покана на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на состанокот на Глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги.

Коалицијата која ја предводи САД, има цел обединување на меѓународните напори и преземање на координирани акции во справување со заканите од синтетички дроги, коишто се во пораст на глобално ниво.

На состанокот се обратија американскиот претседател Бајден и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше и на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации, со кој претседаваше словенечкиот премиер Роберт Голоб.

Тема на состанокот беше „Одржување на мирот и безбедноста на Украина“, на којшто се дискутираше и беа разменети информации за безбедносната состојба во Украина.

Во рамки на учеството на Генералното Собрание на Обединетите Нации претседателката Сиљановска Давкова оствари средба со извршната директорка на Агенцијата на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените Сима Бахус.

Двете соговорнички споделија искуства за активностите што ги преземаат жените – лидери за промовирање и одржување на мирот и одржливиот развој.

Тие разменија мислења за чекорите што треба да ги преземат светските лидери со цел обезбедување континуиран напредок во родовата еднаквост, јакнење на улогата на жените и нивна поголема вклученост во процесите на одлучување и креирање политики.

Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна подготвеноста на македонските институции за натамошно продолжување на успешната соработка со Агенцијата на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените, како и нејзината силна посветеност за унапредување на севкупната улога на жените.

TRT Balkan / агенции
Популарни