На средбата беше изразено задоволство од одличните пријателски односи / Фото: AA

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц-Мусар, во Тиват, Црна Гора, каде што учествува на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, двете соговорнички размениле мислења и информации за процесот на пристапување во Европската Унија, при што претседателката Сиљановска-Давкова упати искрена благодарност за силната и отворена словенечка поддршка за македонската европска интеграција и истакна дека процесот не смее да биде заложник на билатералните прашања.

„Истакнувајќи дека Европската Унија врши притисок врз земјите членки кога тоа е потребно во многу други случаи, претседателката Сиљановска-Давкова порача дека во нашата ситуација неопходни се лидери и земји кои ја разбираат нашата позиција, кои ќе помогнат да се осигуриме дека нашиот глас јасно ќе се слушне во наредниот период. Претседателката нагласи дека е време да се потенцираат критериумите од Копенхаген во процесот на интеграција во Европската Унија и да се потврди јасната посветеност на регионот“, стои во соопштението.

На средбата беше изразено задоволство од одличните пријателски односи и соработката меѓу двете земји, кои се карактеризираат со заемна поддршка и почит, и беа нагласени заложбите за проширување на соработката и зајакнување на меѓусебната доверба, разбирањето и партнерството.

Во контекст на соработката на меѓународен план, претседателките Сиљановска-Давкова и Пирц-Мусар констатираа дека двете земји се усогласени со целите за зајакнување на мултилатерализмот и промовирање на мирот и одржливиот развој, а беше истакната и долгогодишната соработка во рамките на Обединетите нации.

AA
Популарни