Претседателката Сиљановска Давкова нагласи дека нема никакви пречки Црногорците да бидат наброји како дел од народите во Преамбулата на македонскиот Устав

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Цетиње со највисоки државни и воени почести беше пречекана од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, по што се одржа тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите на двете држави и заедничка прес-конференција на претседателите.

Ова е прва посета на македонската претседателка на Црна Гора откако стапи на функцијата и затоа посочи дека било логично прво да дојде тука „бидејќи Црна Гора во моментов е предводникот на реунификацијата, како велам јас или реинтеграцијата на регионот таму каде што и е вистинското место – во Европската Унија“.

Таа исто така посочи дека следниот логичен чекор треба да биде средбата на двете влади, кои се силно економски ориентирани и логично е да ги разменат искуствата.

Претседателката пренесе и дека македонскиот спикер Африм Гаши исто така упатил покана за заедничка средба, која се надева дека брзо ќе се оствари.

„И овде има логика, каде ја гледам логиката, во учењето. Јас ја знам улогата на црногорскиот парламент во процесот на евроинтеграција и мислам дека научените лекции е добро да се повторат“, рече таа.

Црногорскиот народ во македонскиот Устав

Претседателката Сиљановска Давкова нагласи дека нема никакви пречки Црногорците да бидат набројани како дел од народите во Преамбулата на македонскиот Устав.

„Околу уставните измени за кои многу се зборува веднаш ќе кажам никаков проблем нема во преамбулата да се внесат и Црногорците. Никој не негираа и сите ние помниме дека сме биле повеќе од 50 години заедно во добро и во зло. Но, она што важи за уставните измени уште еднаш ќе го реафирмирам. После многу lose-win состојби во кои дури и името го сменивме – непознат феномен, не само меѓу луѓето, туку и меѓу државите, ние повторно значи сме соочени сега на барање на Европската Унија да посегнеме по нови уставни измени“, рече Сиљановска Давкова.

Додаде и дека: „Соломонското решение што ќе доведе до win-win ситуација го гледаме во одложното дејство на уставните измени, или како ние професионално деформираните правници како мене велиме, vacatio legis со одложно дејство. Причина логична – секогаш кога ќе ги завршите преговорите за ЕУ и кога ќе започне и ќе заврши процесот на ратификација се посега или редовно по уставни измени, логично е тогаш и оваа уставна измена да стапи во сила тогаш, а не сега. Бидејќи ние сме рекордери во уставни измени, за триесетина години дури 36 уставни измени најчесто иницирани однадвор, а не одвнатре“.

Предвидено е претседателката Сиљановска Давкова во Подгорица да оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ.

Утре, 29 ноември 2024 година, петок, претседателката Сиљановска Давкова во Подгорица ќе оствари средба со претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

Во рамки на официјалната посета, претседателката Сиљановска Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“.

TRT Balkan / агенции
Популарни