Студентските организации излегоа на протест пред МОН / Фото: МИА

Студентите од најголемиот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ попладнево во Скопје протестираа пред Министерството за образование и наука.

„Сакаме промени, сакаме одговорност" извикуваа студентите кои револтот од неисплатените стипендии и нередовноста на останатите студентски бенефиции го изразија со свирежи, транспаренти и „црвени картони“.

Поддршка за протестот организиран од Универзитетското студентско собрание - УКИМ пристигна и од останатите државни универзитети како „Св. Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Мајка Тереза“, и од приватните универзитети АУЕ-ФОН и Американ колеџ.

Дел од барањата на студентите се и навремена исплата на ваучерите за превоз, почитување на роковите за исплата на субвенциите за студентски оброк и подобрубање на студентскиот стандард.

Од Владата на Република Северна Македонија порачаа дека сите стипендии ќе бидат исплатени заклучно со јануари во текот на неделата. Истовремено им порачаа на студентите да се информираат за состојбата со исплатите од официјалните институции.

„Владата е посветена на унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард, и за тоа доказ се сите преземени активности во изминатиот период како што се пред сè зголемувањето на износите на стипендиите кои се изедначени на ниво од 6.050 денари месечно, односно се со пораст во однос на тоа што претходно се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. Вкупниот годишен буџет за оваа намена – доделување на студентски стипендии се зголеми за 65 проценти. Претходно на годишно ниво се исплаќаа 117 милиони денари, а во 2021 се исплатија 179 милиони денари и овој тренд продолжи и во 2022 и 2023 година“, се вели во владиното соопштение.

На протестот на студентите се приклучи и студентската организација „Студентски отпор“ со цел барањата да бидат заеднички застапени пред образовните власти.

MIA
Популарни