Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на вториот ден од Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, се сретна со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис.
Според владиното соопштение, на средбата соговорниците размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Грција и била потенцирана подготвеноста за нивно зајакнување и проширување на соработката во секое поле од заемен интерес, а посебно на економски план.
Двајцата премиери изразија задоволство од трендот на зголемување на трговската размена меѓу Северна Македонија и Грција.
„Ковачевски и Мицотакис истакнаа дека од клучна важност е соработката во енергетскиот сектор, за која се согласија дека има голем потенцијал ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александрополи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји“, се вели во соопштението.
Понатаму во соопштението се додава дека премиерот Ковачевски му ја честитал победата на неодамнешните избори на Мицотакис и изразил уверување дека соработката помеѓу двете влади ќе продолжи со зголемен интензитет. Ковачевски му се заблагодарил на Мицотакис за силната грчка поддршка за интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија.
На средбата соговорниците разговараа и за актуелните регионални теми.