Тој повика и на целосно израелско повлекување од Газа и обезбедување дека Израел нема да ја анектира територијата во енклавата / Photo: AA

Претседателот на Палестина, Махмуд Абас, вчера ги повика Обединетите нации (ОН) да ги удвојат напорите за запирање на смртоносната офанзива на Израел врз Појасот Газа.

Абас се состана со мировниот пратеник за Блискиот Исток, Тор Венесленд, во Рамала на Западниот Брег, каде што разговараа за ситуацијата на палестинските територии.

„Палестинскиот лидер му пренесе порака на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во која ги повика ОН да вложат напори за ставање крај на израелската агресија врз Палестинците“, објави официјалната новинска агенција ВАФА.

Тој повика и на целосно израелско повлекување од Појасот Газа и обезбедување дека Израел нема да ја анектира територијата во енклавата.

ВАФА наведе дека Абас побарал зголемување на хуманитарната помош во Газа „во текот на моментните тешки временски услови“.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 27.365 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 66.630 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Според податоците на Обединетите нации, 85 отсто од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, а околу 60 отсто од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

AA
Популарни