Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска изјави дека е подготвен „да пружи рака“ на Израел за да ги обнови мировните преговори.
„Можноста за дводржавно решение со границите од 1967 година може да е достапна само денес, не знаеме што ќе се случи во иднина“, рече Абас на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Џо Бајден на Западниот Брег во Витлеем.
„Ја подавам раката кон лидерите на Израел за да склучиме мир“, додаде тој.
Абас повика да се стави крај на повеќедецениската израелска окупација на палестинските територии и да им се дозволи на Палестинците да ги добијат своите легитимни права врз основа на меѓународните резолуции.
Палестинскиот лидер рече дека Израел може да прифати да живее во мир со своите соседи во регионот со формирање палестинска држава.
Абас, исто така, повика на повторно отворање на Американскиот конзулат во Источен Ерусалим и отстранување на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) од американската терористичка листа.
„Ние не сме терористи“, порача тој.
Палестинскиот претседател повика убијците на палестинско-американската новинарка Ширин Абу Аклех да ја сносат одговорноста.
Абу Аклех (51), палестинско-американската новинарка која работеше за „Ал Џезира“ со седиште во Доха, беше смртно застрелана на 11 мај додека известуваше за нападот на израелската војска во близина на бегалскиот камп „Џенин“ на окупираниот Западен Брег.
Додека палестинските власти и „Ал Џезира“ го обвинија Израел за убиство на новинарката, Тел Авив ги отфрли обвинувањата.
Бајден во Израел пристигна во средата, што е прва негова официјална посета на регионот на Блискиот Исток, каде што вети американска заштита на Израел. Се планира тој да замине од Саудиска Арабија подоцна во текот на денот.