Кишида рече дека безбедносните мерки не биле доволни      Фото: АА

Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека полицијата е одговорна за смртта на поранешниот премиер Шинзо Абе, кој беше убиен на 8 јули.

Коментирајќи го атентатот на Абе, кој беше убиен за време на предизборен митинг, Кишида рече дека безбедносните мерки на тој настан не биле доволни.

Началникот на полицијата во градот Нара, Томоаки Онизука, исто така, рече дека е невозможно да се негира дека имало проблеми со заштитата на Абе и со безбедносните мерки што требало да се преземат.

Абе беше застрелан во градите додека зборуваше на отворено во рамките на предизборната кампања за кандидат на Либерално-демократската партија во градот Нара.

По нападот тој со тешки повреди беше пренесен во болница, за по кратко време да биде констатирана смрт.

Јапонија, каде што само 6 лица загинаа во оружени напади во 2014 година, е земја со најниска стапка на криминал поврзан со оружје во светот.

За купување оружје во Јапонија, потребно е, покрај писмениот испит, со висок успех да се положат и тестови за гаѓање.

Во Јапонија е многу тешко да се добие лиценцирано оружје, а заедно со лекарските уверенија и тестовите за дрога, потребна е и детална казнена евиденција.

Во земјата пиштолите се целосно забранети, а дозволени се само сачмарки и воздушни пушки.

Освен тоа, задолжително е да се извести полицијата каде се чува оружје и муниција, а полицијата еднаш годишно врши увид на оружјето. Рокот на важност на дозволата за оружје е ограничен на три години.

AA
Популарни