Азербејџан го евакуира персоналот од својата Амбасада во иранскиот главен град Техеран, два дена откако вооружен маж застрела едно лице и рани две други.     Фото: Ројтерс

Азербејџан го евакуираше персоналот од својата Амбасада во иранскиот главен град Техеран, два дена откако вооружен маж застрела едно лице и рани две други.

Според азербејџанските медиуми, вкупно 53 лица, дипломати и нивните семејства, со специјален авион слетале на Меѓународниот аеродром „Хејдар Алиев“ во главниот град Баку во 22 часот по локално време.

Авионот го носеше и телото на Орхан Аскеров, шеф на обезбедувањето на Амбасадата, кој беше убиен во нападот, што наиде на остра осуда ширум светот.

Инцидентот се случи во петокот наутро кога маж вооружен со пушка „калашников“, идентификуван како Јасин Хусеинзаде, влета во просториите на Амбасадата и отвори оган.

Шефот на техеранската полиција, Хусеин Рахими, изјави за новинарите дека напаѓачот бил веднаш уапсен, додавајќи дека прелиминарната истрага укажува на лични и семејни проблеми како можен мотив за нападот.

Евакуацијата се случи неколку часа откако иранскиот претседател Ебрахим Раиси и неговиот азербејџански колега Илхам Алиев имаа телефонски разговор во врска со прашањето, при што Раиси рече дека во тек е темелна истрага.

Во соопштението објавено од неговиот Кабинет се истакнува дека Раиси нагласил дека владите на двете земји „нема да дозволат билатералните односи да бидат засегнати од лошонамерници.“

Алиев претходно го осуди нападот и го нарече „терористички чин“ и побара истрага. Министерството за надворешни работи го повика и иранскиот амбасадор.

Инцидентот ги зголеми тензиите меѓу Иран и Азербејџан, две соседни земји кои делат 765 километри граница.

Иранските власти инсистираат на тоа дека не станува збор за терористички напад, туку напад извршен од лични мотиви.

Иранскиот министер за надворешни работи Хусеин Амир-Абдулахиан во телефонски разговор во петокот со неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов рече дека нема да се дозволи инцидентот да има штетно влијание врз билатералните односи.

Тој, исто така, предложи соработка меѓу безбедносните агенции на двете земји за расветлување на нападот.

AA
Популарни