Време е оваа војна да заврши и да започне денот потоа“, рече тој.

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот изјави дека Израел му представил на Хамас договор составен од три фази кој ќе стави крај на сите непријателства во опколениот Појас Газа и ќе ги ослободи заложниците од крајбрежната енклава.

Бајден апелираше до Хамас да го прифати договорот и го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не потклекнува на притисокот од членовите на неговата владејачка коалиција кои се противат на планот.

„Хамас повеќе не е во позиција да спроведе уште еден 7. октомври, што е една од главните цели на Израел во оваа војна, и искрено, праведна“, рече Бајден, мислејќи на прекуграничниот напад изведен од Хамас по што Израел ја почна офанзивата на Појасот Газа.

„Знам дека има такви во Израел кои нема да се согласат со овој план и ќе повикаат војната да продолжи на неодредено време. Некои од нив се и во владејачката коалиција и јасно ставија до знаење дека сакаат да ја окупираат Газа. Сакаат да се борат со години, а заложниците не им се приоритет, апелирав до раководството во Израел да застане зад овој договор без разлика на притисокот“, изјави американскиот претседател Бајден.

Првата фаза, за која Бајден рече дека ќе трае шест недели, ќе вклучува, како што рече, „целосен прекин на огнот“ и повлекување на израелските сили „од сите населени области на Газа“.

Во овој период ќе бидат ослободени и неодреден број заложници, вклучително жени, постари лица, ранети, во замена за ослободување на палестинските затвореници, кои според Бајден ќе бројат стотици.

За време на првата фаза, палестинските цивили ќе се вратат во своите домови во сите области на Газа.

Посмртните останки на починатите израелски заложници ќе бидат вратени на нивните семејства.

Хуманитарната помош ќе биде зголемена, со влез на 600 камиони дневно во Појасот Газа и стотици илјади привремени станбени единици испратени од меѓународната заедница.

Во тој период од шест недели, преговорите ќе продолжат со посредство на САД и Катар.

Ако преговорите бидат успешни, ќе започне втората фаза од планот, во текот на која сите преостанати живи заложници, вклучително и машките војници, ќе бидат ослободени, израелските сили целосно ќе се повлечат од Газа и прекинот на огнот ќе се надгради на „траен прекин на непријателствата“.

Според третата фаза, сите преостанати заложници во Газа ќе бидат вратени и ќе започне „големиот план за реконструкција“ на Газа, вклучително со американска и меѓународна помош за обнова на домови, училишта и болници.

Бајден рече дека „време е да започне оваа нова фаза“, заложниците да се вратат дома, Израел да биде безбеден и страдањата да завршат.

„Време е оваа војна да заврши и да почне денот потоа“, рече тој.

TRT Balkan / агенции
Популарни