БИПОЛ тврди дека употребиле дронови за напад на базата во близина на Минск / Фото: Reuters

Белоруски припадници на опозициската група БИПОЛ тврдат дека уништиле руски извиднички авион од видот А-50 со употреба на дронови во близина на воздухопловната база Мачулишчи во Минск.

„Употребени се дронови. Учесниците во операцијата се Белоруси и дел од планот „Победа“. Тие сега се безбедно извлечени од земјата“, изјави Александар Азарау лидерот на Унијата на припадниците на безбедносни сили на Белорусија - БИПОЛ.

Нападот бил подготвуван повеќе месеци, а како што тврди групата која власта во Минск ја прогласи за терористичка, авионот е доволно оштетен од дроновите за повеќе да не биде во употреба.

„Може да кажат што сакаат, но мислам дека сега не е погоден момент за Лукашенко да ја нападне Украина. Вистина, оваа акција може да ја искористи за да ги обвини Украинците, но сега нема доволно руски сили во Белорусија за лансирање нов напад врз Украина од наша територија“, тврди Азарау.

Властите во Минск и Москва се чека да излезат со официјален став за тврдењата на групата.

Вчера, граничната управа на Белорусија ги негираше извештаите за отворен оган на границата со Украина.

„Информациите што ги шират екстремистите немаат никаква врска со реалноста. Немаше инциденти со употреба на оружје, граничните патроли не отворија оган“, се вели во соопштението на управата, а исто така ја повикуваат јавноста да „користи службени, проверени, и сигурни извори на информации“ и „да не подлегнува на провокации“.

Белорусија е еден од најблиските сојузници на Русија и дозволи преку нејзина територија да се изврши копнениот напад врз Украина, но не е директна учесничка во војната која предизвика огромни човечки жртви, раселување и уништување.

Според Лукашенко властите во Минск немаат намера да војуваат против Украина, но ќе одговорат доколку бидат нападнати.

AA
Популарни