Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека актуелните преговори меѓу Израел и Хамас за размена на заробеници и прекин на огнот во Појасот Газа би можеле да бидат „последна шанса“. Како дел од посетата на Блискиот Исток, Блинкен отпатува во Израел за да разговара за размената на затвореници и преговори за прекин на огнот. Израелскиот претседател Исак Херцог го прими Блинкен, кому ова му е деветта посета на регионот од 7 октомври кога почнаа израелските напади врз Газа. Пред средбата Блинкен ги коментираше преговорите меѓу Израел и Хамас за размена на заробеници и прекинот на огнот во Газа. Тој посочи дека ова е „одлучувачки момент“ за преговорите за прекин на огнот. „Повеќе од веројатно, овие преговори се најдобрата, можеби последната, можност да се вратат заложниците дома, да се воспостави примирје и да се стават сите на патот кон траен мир и безбедност“, рече тој. Херцог, пак, го обвини Хамас дека не постигнал напредок во разговорите за размена на затвореници и прекин на огнот. Преговорите за прекин на огнот во катарската престолнина Доха завршија во петокот со презентација на „предлог што го намалува јазот“ меѓу Израел и Хамас што е во согласност со принципите што ги постави американскиот претседател Џо Бајден на 31 мај. Бајден во мај рече дека Израел претставил трифазен договор со кој ќе се стави крај на непријателствата во Газа и ќе се обезбеди ослободување на заложниците кои се држат во крајбрежната енклава.
Планот вклучува прекин на огнот, размена на заложници и затвореници и реконструкција на Газа. САД, Катар и Египет со месеци се обидуваат да посредуваат во договор меѓу Израел и Хамас за да обезбедат размена на затвореници и прекин на огнот и да дозволат хуманитарна помош да влезе во Газа.
Но напорите за посредување се заглавени поради одбивањето на Нетанјаху да ги исполни барањата на Хамас. Страните најавија дека ќе ги продолжат разговорите за прекин на огнот следната недела во Каиро, главниот град на Египет. Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Појасот Газа од нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година. Убиени се речиси 40.100 Палестинци, главно жени и деца. Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му наложи на Тел Авив веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафах, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде нападнат на 6 мај.