Русија лансираше воздушен напад со проектили и беспилотни летала / Фото: AA

Најмалку седум лица загинаа, а 47 се повредени во рускиот воздушен напад во текот на ноќта врз западниот украински град Лавов.

„Веќе изгубивме седум луѓе. Меѓу нив има три деца. Страшна трагедија“, рече Максим Козицки гувернер на Лавов, на Телеграм.

Подоцна Козицки изјави дека биле оштетени регионалниот спортски и рехабилитационен центар и седум архитектонски споменици во градот.

Понатаму тој рече дека 47 лица што се повредени во нападот се згрижени во три медицински установи во градот.

„Меѓу пациентите има седум деца. Сите се со умерени повреди. Најмалку седуммина од возрасните се во тешка состојба“, додаде тој.

Градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, на Телеграм напиша дека избувнале пожари во голем број станбени згради во близина на главната железничка станица во градот.

Тој рече дека во градот нема да работат и две училишта, додавајќи дека во многу згради се искршени стаклата на прозорците.

Воздухопловните сили на Украина тврдат дека противвоздушната одбрана на земјата соборила седум од 13 проектили од различен тип и 22 од 29 беспилотни летала за напад лансирани од Русија во текот на ноќта.

Се наведува дека украинската противвоздушна одбрана работела во текот на ноќта во регионите Лавов, Ивано-Франковск, Чернихив, Дњепропетровск, Волин, Тернопил, Киев, Житомир, Полтава и Суми, додавајќи дека беспилотно летало преминало и во соседна Белорусија.

Руските власти сѐ уште не го коментираа нападот.

AA
Популарни