Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска истакна дека по претстојниот состанок на министрите за надворешни работи, можна е и средба на лидерите на Русија, Туркије и Сирија, на разговори за мирот и стабилноста во Сирија, во зависност од развојот на настаните.
„Во зависност од развојот на настаните, ние може да се сретнеме на ниво на лидери на Русија, Туркије и Сирија. Значи, нашата цел е воспоставување мир и стабилност во регионот“, рече Ердоган во обраќањето на состанокот на челниците на области од Партијата на правдата и развојот (AK Parti) во главниот град Анкара.
„Турскиот, рускиот и сирискиот министер за одбрана и шефовите на разузнавањето одржаа средба во Москва“, рече Ердоган и изрази надеж дека и министрите за надворешни работи ќе се сретнат во истиот трилатерален формат.
На 28 декември, турскиот, рускиот и сирискиот министер за одбрана се состанаа во Москва за да разговараат за чекорите во борбата против тероризмот во Сирија и се согласија да продолжат со трипартитните состаноци со цел осигурување на стабилноста во Сирија и во поширокиот регион.
На средбата се говореше за сириската криза, бегалското прашање и за заедничката антитерористичка борба против сите терористички организации во Сирија.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, истакна дека вториот состанок би можел да се одржи во средината на јануари.