Што се однесува до Ерменија, целите на сојузот не се исполнети, рече Пашинјан / Photo: AA

Ерменија го суспендира своето членство во регионалниот воен сојуз предводен од Русија.

„Денес практично го замрзнавме нашето учество во овој договор, во оваа организација. А што ќе биде понатаму, ќе видиме“, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинјан во интервју за француската телевизија Франс24.

Пашинјан рече дека Организацијата на Договорот за колективна безбедност, која обединува шест постсоветски држави, не успеала да ги исполни своите цели.

„Што се однесува до Ерменија, целите не се исполнети, а особено во 2021 и 2022 година. И не можевме да дозволиме да помине незабележано“, рече тој.

Другите поранешни советски членки на алијансата се Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.

Ерменија досега не испратила официјално известување за суспендирање на своето членство во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), соопшти во петокот Кремљ.

„Ерменската страна не презеде никакви официјални дејствија во врска со ова. Ние сакаме да стапиме во контакт со нашите колеги и да го разјасниме значењето на овие изјави“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Истакнувајќи дека таквото известување би било важно за да се разберат деталите за моменталната ситуација, Песков рече дека Русија се надева дека Ереван „ќе ни објасни сè“.

Ерменското незадоволство од тој сојуз ескалираше по судирот во Карабах.

Ерменската војска во 1991 година го окупираше регионот Нагорно-Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан.

Азербејџан ослободи поголем дел од регионот Карабах за време на војната во есента 2020 година, која заврши со мировен договор постигнат со посредство на Русија, отворајќи ја вратата за нормализација.

Минатиот септември Азербејџан започна „антитерористичка операција“ во Карабах за воспоставување „уставен поредок“, по што се предадоа и преостанатите сепаратистички сили во регионот.

AA
Популарни