Израел со своите окупациски и активности за населување им ја краде земјата на Палестинците на Западниот Брег / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан, изјави дека Израел не е тој чија безбедност е загрозена, туку тоа се Палестинците и земјите од регионот.

Шефот на турската дипломатија Фидан денес во Аман се сретна со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади.

Фидан и Сафади разговараа за низа билатерални и регионални теми, со акцент на израелските напади врз Појасот Газа и растечките тензии на јорданско-израелската граница.

„Апсолутно е неприфатливо Израел, под плаштот на наводни безбедносни аргументи, да се обидува да ги легитимизира своите напади врз Палестина. Она што Израел го прави со тврдење дека ја осигурува сопствената безбедност не е ништо друго туку експанзионизам и окупација“, рече Фидан.

Турскиот министер, исто така, истакна дека проширувањето на израелската територија по секоја војна и криза е најконкретен доказ за неговите тврдења.

„Израел со своите окупациски и активности за населување им ја краде земјата на Палестинците на Западниот Брег. Отворено говорејќи, не е Израел тој чија безбедност е загрозена, напротив, тоа се Палестинците и земјите од регионот. Целиот свет треба да ја види оваа вистина“, порача Фидан.

Коментирајќи за растечките тензии во односите меѓу Пакистан и Иран, Фидан рече дека Туркије внимателно и со загриженост ги следи овие случувања.

Истакна дека денес телефонски разговарал со пакистанскиот и иранскиот министер за надворешни работи.

„Тие ги објаснија своите ставови и ги дадоа причините за своите постапки. Ние како Туркије препорачавме да нема понатамошна ескалација на проблемот и да се обезбеди мир колку што е можно поскоро. Двете страни рекоа дека не сакаат тензиите да се прошират. Се надевам дека инцидентите нема понатаму да ескалираат меѓу двете братски земји“, рече Фидан.

Тој најави дека Туркије ќе продолжи да прави сѐ што е потребно за намалување на тензиите меѓу Пакистан и Иран.

AA
Популарни