Израел: Нетанјаху ги одложи плановите за измените во судството / Photo: AA

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави одложување на контроверзните планови за судските реформи што предизвикаа масовни протести низ земјата, јавува Анадолу.

Во телевизиското обраќање Нетанјаху истакна дека постои „екстремистичко малцинство“ што се обидува да го подели Израел.

„Свесен сум за огромните тензии што се градат меѓу двата дела на нацијата“, рече израелскиот премиер.

„Свесен сум за желбата на многу граѓани за намалување на овие тензии. Но едно нешто не можам да прифатам – постои екстремно малцинство што е подготвено да ја распарчи нашата земја.“

Нетанјаху рече дека тој постојано повикувал на дијалог за судските реформи.

„Ако постои начин да се избегне граѓанска војна преку дијалог, би одвоил време за дијалог“, рече тој.

„Од национална одговорност, од стремеж да избегнам поделба на нацијата, решив да ги прекинам второто и третото читање на Предлог-законот на оваа седница на Кнесетот, со цел да купам време за постигнување ист широк договор за законот во следниот Кнесет“, рече Нетанјаху.

Планираните измени во судството со месеци предизвикуваат масовни протести, на кои демонстрантите планот го карактеризираат како план за грабнување на моќта од страна на Владата.

Нетанјаху, кому му се суди за корупција, тврди дека неговиот план ќе ја зајакне демократијата и ќе ја врати рамнотежата меѓу законодавната, извршната и судската власт.

TRT Balkan / агенции
Популарни