Палестински лекар изјави денеска дека израелски војник нападнал и избодел повреден Палестинец во градот Тулкарем на окупираниот Западен Брег.
Радван Блаибла, челникот на Медицинскиот синдикат на Тулкарем за Анадолу рече дека израелската армија запрела возила на брзата помош кои ги префрлале повредените Палестинци од бегалскиот камп Нур Шамс во северниот дел на Западниот Брег.
„Еден повреден беше избоден во вратот од израелски војник додека беше во брзата помош, при што му беа нанесени рани опасни по неговиот живот“, рече лекарот.
Тој додаде дека повредениот Палестинец се здобил со рани од израелски воздушен напад врз бегалскиот камп, а бодењето ја влошило неговата здравствена состојба.
„Другите двајца повредени беа насилно извадени од брзата помош и беа удирани со клоци и со кундаци од пушките по деловите од телата каде имаа повреди“, рече Блаибла.
Тој го опиша инцидентот како „флагрантно кршење на хуманитарното право“, повикувајќи ги меѓународните групи да го сметаат Израел за одговорен за таквиот чин.
Шест Палестинци, од кои тројца тинејџери, загинаа, а неколкумина се повредени утрово во напад на израелски дрон во бегалскиот камп Нур Шамс, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Израелската Армија изврши рација во бегалскиот камп Нур Шамс рано утрово и распореди снајперисти на покривите на зградите, предизвикувајќи судири со жителите на кампот.
Тензиите се високи низ Западниот Брег откако на 7 октомври избија борби меѓу палестинските групи на отпорот и Израел во Газа.
Според палестинското Министерство за здравство, 311 Палестинци се убиени од страна на израелските сили на Западниот Брег од 7 октомври, а над 3.300 се повредени.