Шефот на израелската служба за безбедност Шин Бет, Ронен Бар, ја предводи преговарачката делегација која денес отпатува во Египет за да ги продолжи разговорите со Хамас за можна размена на заложници и договор за прекин на огнот во Појасот Газа, објавија израелските медиуми, јавува Анадолу.
„Ронен Бар отпатува во Египет за да ги продолжи разговорите за потенцијален прекин на огнот и договор за заложници со Хамас“, пишува израелскиот весник „Хаарец“.
Се додава дека Бар ќе разговара за спречување на шверцот на оружје во Појасот Газа од египетската граница.
Египет, Катар и Соединетите Американски Држави (САД) со месеци се обидуваат да обезбедат прекин на огнот и ослободување на 120-те преостанати заробеници во Газа, но безуспешно.
Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа од 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во израелските напади се убиени повеќе од 38.150 Палестинци, главно жени и деца.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда им наложи на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.