Шведска и Финска се меѓу ретките земји во Европа кои од разни причини низ историјата не беа дел од воени сојузи и не заземаа страна во воени конфликти. Тие одамна имаат партнерски односи со НАТО и биле дел од повеќе мисии. Руско-украинскиот конфликт беше причината поради која двете држави повлекоа потег за зачленување во Алијансата.
Во Брисел постои расположение за прием на Шведска и Финска и по скратена постапка. Сето тоа предизвикува нервоза во Москва. Првичните реакции од Русија се дека нема пасивно да набљудува. На членството на Шведска и Финска во НАТО регагираше и Туркије. Шведска и Финска ја прескокнаа неутралноста и аплицираа за приклучување кон НАТО во мај, одлука поттикната од руската војна во Украина.
Но Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, искажа приговори за барањата за членство, критикувајќи ги земјите за толерирање и поддржување на терористички организации ПКК и ФЕТО.
Пред самитот на НАТО минатата недела, Туркије, Шведска и Финска потпишаа договор по четирилатералните разговори во Мадрид, во кој беше вклучено и НАТО.
Договорот им дозволува на нордиските земји да станат членки на НАТО, но ги условува да преземат чекори за загриженоста на Туркије во однос на тероризмот и да го укинат ембаргото на оружје за Анкара.
По состанокот, НАТО официјално ја покани Шведска и Финска да се приклучи на 30-члената воена алијанса.
Во продолжение за причините за незаземање страна и воена неутралност на Шведска и Финска како и односите со НАТО на дел од европските држави кои се уште не се дел од Алијансата.
Финско-руски конфликти низ историјата
Финска има долга историја на конфликти со СССР. Оние позначајните од 1939 до 1940 и од 1941 до 1944. Во дел од војните Финска учествувала како дел од кралството Шведска. Токму ваквите конфликти со поранешниот СССР во времето на Сталин кога Финска изгубила девет проценти од нејзината територија била една од главните причини што оваа држава низ историјата одлучила да биде неутрална. Границата на Финска со денешна Русија е во должина од 1.340 километри.
На 18 мај годинава Финска поднесе барање за прием во најмоќниот воен сојуз.
Шведска за првпат по 1939 испрати воена помош
Шведска до сега одбиваше да стане дел од воени сојузи. Оваа држава повеќе од 200 години не била вклучена во војна. Војната во Украина ја натера Шведска за првпат по 1939 година да го прекрши принципот за неснабдување со оружје на држави кои се во војна.
И Шведска како и Финска поднесе барање за членство во НАТО на 18 мај.
67 години австриска воена неутралност
Австрија е воено неутрална од 1955 година. Во Втората светска војна, под влијание на Хитлер влегла во војна со Русија и западните сили. Токму неутралноста на Австрија била услов поранешниот СССР да ги повлече трупите од оваа земја. Исто така сегашниот устав на Австрија забранува пристапување во воени сојузи и присуство на странски воени трупи на нејзина територија. На нејзината неутралност под овие услови се согласиле и победниците во Втората светска војна СССР, САД, Велика Британија и Франција.
И покрај воената неутралност војници од Австрија учествуваат во НАТО мисии.
Швајцарија неутрална од 1815 година
Иако Швајцарија денеска е неутрална сепак таа има богата воена историја. Нејзини војници во текот на историјата често пати војувале дури и за туѓи армии. Сепак во текот на Втората светска војна, Швајцарија успеала да остане неутрална најмногу поради одлуката на Хитлер да не ја нападне. Географската позиција како и желбата на Германија да не ја наруши трговската спогодба со Швајцарија биле главните причини тоа да не се случи.
Неутралната позиција на Швајцарија била загарантираана на Виенскиот конгрес во 1815 година. Неутралниот статус го предложила Швајцарија, а со тоа се согласиле големите сили.
Меѓурелигиските односи ја диктираат позицијата на Ирска
Специфичните односи меѓу различните верски групи е главната причина за воената неутралност на Ирска. Додека протестантите се за тоа земјата да стане членка на НАТО, католиците се против воениот сојуз. Овој конфликт трае уште од периодот по Втората светска војна. Ирска е членка на Партнерството за мир и дозволува присуство на странски воени мисии на нејзина територија.
Молдавија, Грузија, Ерменија, неутрални, но партнери на НАТО
Сличен Устав има и Молдавија. И во него е наведена воената неутралност на земјата. Сепак интересно е тоа што во оваа земја дел од населението сака земјата да биде членка на НАТО, додека друг дел негува одлични релации со Русија.
Уште две други европски држави кои беа дел од поранешниот СССР имаат специфичен однос со НАТО. Грузија не е членка, но е дел од Партнерството за мир од 1994 година. Уште од 2011, Грузија е земја аспирант за членство во НАТО, но ситуацијата ја проблематизира присуството на руски трупи во Абхазија и Јужна Осетија.
Ерменија исто така не е членка на НАТО, но е потписник на Партнерството за мир. Молдавија и Грузија се неутрални, но партнери на НАТО. Белорусија, Азербејџан, Андора, Грчката администрација на Јужен Кипар, Сан Марино, Малта, Монако се меѓу оние кои не се членки.
Србија, БиХ и Косово- балкански држави надвор од Алијансата
Србија, Босна и Херцеговина и Косово се единствените балкански држави кои не се членки на НАТО. Актуелниот државен врв во Србија инсистира да прикаже неутралност во односите на западните сили и Русија. Поранешна СР Југославија беше бомбардирана од НАТО во 1999 година и тоа е главната причина поради која земјата е надвор од сојузот. Србија беше и против воведување санкции против Русија по почнувањето на конфликтот во Украина.
Босна и Херцеговина честопати беше споменувана како балканска земја каде од Украина може да се прелее конфликтот со Русија. Иако мнозинството, односно Босанците и Хрватите се за членство во НАТО, на тоа се противат босанските Срби. Последните изјави од Москва се дека ќе реагира соодветно доколку и Босна и Херцеговина тргне по патот за членство во НАТО. Косово во март 2022 основа работна група за соработка и побрза интеграција во НАТО.