Како премиер на Израел, единствената еврејска држава, се колнам ако Израел мора да биде сам, тој ќе биде сам, рече Нетанјаху / Photo: Reuters

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека се надева оти ќе ги надмине разликите со американскиот претседател Џозеф Бајден кога е во прашање војната во Газа, како и дека Израел нема друг избор освен да го уништи Хамас, вклучувајќи ги и членовите на таа група во Рафах.

„Често се согласувавме, но имавме и несогласувања. Успеавме да ги надминеме. Се надевам дека ќе успееме да ги надминеме сега, но ќе го направиме она што треба да го направиме за да ја заштитиме нашата земја“, рече Нетанјаху во интервју за емисијата „Д-р Фил Прајтајм“, пренесува Тајмс оф Израел.

Зборувајќи за војната во Газа, Нетанјаху рече дека Израел „нема друг избор освен да го уништи Хамас“, вклучувајќи ги и членовите на таа група во градот Рафах.

„Ако не ги уништиме, ако ги оставиме, тие ќе се вратат. Ќе излезат од тунелите, повторно ќе ја преземат Газа и ќе го направат тоа што го ветија, ќе го направат 7 октомври, овој огромен масакр повторно, повторно и повторно“, рече Нетанјаху.

Емисијата во која беше интервјуиран Нетанјаху беше емитувана утрово, но снимена во средата, пред Бајден да предупреди дека ќе ја прекине испораката на оружје за Израел ако израелската војска започне голема инвазија на Рафах.

Високите израелски власти во четвртокот ветија дека ќе ја продолжат војната во Појасот Газа и покрај одлуката на Бајден да ја замрзне испораката на оружје за Тел Авив поради офанзивата на јужниот град Рафах.

„Им велам на светските лидери-никаков притисок, ниту една одлука на кој било меѓународен форум нема да го спречи Израел да се брани“, рече Нетанјаху во видео пораката објавена на Х, додавајќи:

„Како премиер на Израел, единствената еврејска држава, се колнам ако Израел мора да биде сам, тој ќе биде сам“.

Министерот за одбрана Јоав Галант исто така вети дека Израел „ќе ги постигне своите цели“ и дека „не може да се потчини“.

„Од тука им велам на непријателите на Израел и неговите најдобри пријатели: Државата Израел не може да се потчини - ниту ИД (армијата), ниту Министерството за одбрана, ниту одбранбениот естаблишмент, ниту државата Израел. Ние ќе ги постигнеме нашите цели“, рече Галант на воена церемонија.

Израел во понеделникот го нападна Рафах, каде што повеќе од милион Палестинци се засолниле од конфликтот во другите делови на Појасот Газа, а Тел Авив рече дека тоа е „ограничена операција“.

TRT Balkan / агенции
Популарни