Израелската војска испука солзавец и шок-бомби врз Палестинците кои ги чекаа затворениците / Photo: AA

По неколку часа одлагање, израелските власти ослободија група од 30 затвореници Палестинци, соопшти израелската затворска служба, известува Анадолу.

Палестинците што се ослободени од затворот Офер префрлени се во неколку возила на Црвениот крст.

Министерството за надворешни работи на Катар вчера објави дека меѓу Палестинците ослободени од израелскиот затвор, 16 се малолетници и 14 се жени.

Израелските војници интервенираа со оклопни џипови врз, главно млади Палестинци кои чекаа во Бетунија, палестински град што се наоѓа на патот кон затворот Офер и кон Рамала.

Израелската војска испука солзавец и шок-бомби врз Палестинците во регионот и пукаше со гумени куршуми кон нив.

Според соопштението на палестинската Црвена полумесечина, петмина Палестинци се ранети, од кои едно потешко, кога израелските војници пукале кон Палестинците.

Израелската војска претходно соопшти дека 10 Израелци, заробеници на Хамас во Појасот Газа, му се предадени на персоналот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Во соопштението на портпаролот на израелската војска се наведува дека официјални претставници на Црвениот крст потврдиле дека им се предадени 10 жени и деца Израелци што Хамас ги држел во Појасот Газа, како и четворица државјани на Тајланд.

Министерството за надворешни работи на Катар објави дека меѓу ослободените израелски заложници, петмина се малолетници и пет жени, меѓу кои едно малолетно лице е од Холандија, три од Германија и една Американка.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на Ханибаловиот протокол од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.

Четиридневната хуманитарна пауза за која посредуваше Катар стапи во сила во петокот, на 24 ноември, со што привремено се запрени израелските напади на Газа, а вклучува и ослободување на заложниците што ги држи Хамас во замена за ослободување на Палестинците од израелските затвори.

Катар доцна во понеделникот објави договор за продолжување на четиридневната пауза за уште два дена, според кој ќе се спроведува понатамошна размена на заробениците.

AA
Популарни