Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Европската унија се обидува да ја собори неговата влада и да воспостави марионетски режим во таа централноевропска земја.
Тој го кажа ова во говорот во Будимпешта, по повод националниот празник во чест на вооружениот бунт против советската репресија во 1956 година, кој започна во главниот град и се прошири низ целата земја, пред да биде уништен од Црвената армија.
„Независната унгарска политика е неприфатлива за Брисел. Затоа во Брисел најавија дека ќе се ослободат од унгарската национална влада. Тие, исто така, најавија дека сакаат да стават бриселска марионета на чело на оваа земја“, ѝ рече тој на толпата.
Орбан ги повика Унгарците да продолжат да се спротивставуваат на волјата на Брисел и да дадат „јасен и недвосмислен“ одговор како во 1956 година.
ЕУ задржа милијарди евра финансиска поддршка за Унгарија поради наводно прекршување на владеењето на правото, додека некои членки на блокот постојано предлагаа на Унгарија да и се одземе правото на глас поради, како што тврдат, демократското назадување.
Орбан, исто така, се судри со другите лидери на ЕУ поради неговото одбивање да ѝ помогне на Украина и да ја санкционира Русија, како и поради неговиот притисок за прекин на огнот и мировни преговори.
Затоа критичарите изјавија дека Орбан се залага за руските интереси и против интересите на неговите партнери од ЕУ и НАТО.
„Бриселските бирократи го доведоа Западот во безизлезна војна. Според нивните мисли, оваа војна е војна на Западот против Русија. Сега тие сакаат отворено да ја турнат целата Европска унија во војната во Украина“, рече тој.
Тој посочи дека ЕУ планира да дозволи украински војници да бидат стационирани во Унгарија по идната победа „за да се гарантира безбедноста на цела Европа“.
„Ние Унгарците ќе се разбудиме едно утро и ќе видиме дека словенските војници од исток повторно се стационирани на територијата на Унгарија. Ние не го сакаме тоа, но притисокот од Брисел е се посилен секој ден“, рече тој.
Според АП, Орбан не презентирал докази за овие тврдења, а Брисел сè уште не коментирал за ова прашање.