Судот ја поништи пресудата по 22 години поминати во затвор за Аднан Сајед     Фото: Reuters

Аднан Сајед помина повеќе од 20 години во затвор, осуден за убиството на тогаш 18 годишната Хеј Мин Ли, инаку негова поранешна девојка. Но, како што велат правдата е бавна, но секогаш стигнува. Така и Сајед по години на истраги и објава на нови докази преку култниот подкаст „Серијал“, конечно излезе од затвор.

„Разбирам колку е тешко, но мораме да се осигураме дека ќе одговара вистинската личност“, посочи Беки Фелдман од државното обвинителство, објаснувајќи различни детали од случајот кои ја поткопуваат пресудата постара од две децении, вклучувајќи можни други осомничени, неисправни податоци од мобилните телефони, неверодостојно сведочење и потенцијално пристрасен детектив.

Окружниот суд ја поништи првичната пресуда и му додели рок на јавното обвинителство од 30 дена или да го повлече обвинението или да го врати случајот на повторно судење.

Сајед, со доза на олеснување и блага насмевка ги проследи десетиците новинарски екипи, но и насобраната толпа пред судот во Балтимор кои излегоа да му дадат поддршка. Тој не изусти ниту еден збор за време на судското рочиште, ниту пак даде изјави за медиумите.

Подоцна неговата адвокатка Ерика Сатер накратко откри дека Сајед „не може да поверува дека ова навистина се случува“.

Повеќе од подкаст

Интересот за случајот на Сајед ја брануваше јавноста по 12 епизоди од подкастот „Серијал“, најверојатно еден од првите вакви формати кој стана ултра популарен, а опфаќа теми од жанрот „вистински злосторства“.

Подкастот го водеше новинарката Сара Кониг, која повеќе од една година го истражуваше случајот, откривајќи нови детали кои може целосно да го променат исходот од судењето.

По емитувањето на 12-те епизоди во 2014 година, случајот на Сајед повторно беше разгледуван во 2019 година при што Сојузниот врховен суд по серија жалби, иако утврди дека неговата адвокатка не успеала да го најде сведокот кој ќе го поткрепи алибито и дека не обезбедила соодветна одбрана, сепак не донесе одлука да се повтори судењето.

Исто така и Врховниот суд на САД, како највисока судска инстанца, истата година одби да го разгледува случајот на Сајед.

Сајед секогаш тврдеше дека е невино осуден, и таа упорност се исплатеше. Откритијата претставени во подкастот и преиспитувањето на сведоците и детективите кои биле дел од истрагата доведоа до нови моменти кои сега беа доволни за поништување на првичната пресуда.

Но, како што вели братот на убиената Хеј, која беше пронајдена задавена и закопана во парк во Балтимор во 1999 година, неговиот живот е реален и за него ова не е обичен подкаст, туку кошмар. Тој е разочаран што по повеќе од две децении неговото семејство не може да дојде до правдата и треба одново и одново да поминуваат низ истите потешкотии.

Државната обвинителка Мерилин Мозби, која ги чека резултатите од ДНК анализата за продолжување на случајот, посочи дека сочувствува со братот на Хеј, но и дека и Сајед има право на еднаквост, правда и фер судење.

TRT Balkan / агенции
Популарни