Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска изјави дека одлуката на Франција да испрати ракети со долг дострел во Украина е погрешна и дека ќе следуваат контрамерки за да се намалат ризиците.
„Се разбира, останува да се разјасни и да се открие точно за кој радиус станува збор. Ова, од наша гледна точка, е погрешна одлука, полна со последици за украинската страна. Бидејќи, нормално, ова ќе нѐ принуди да преземеме контрамерки“, изјави Песков на брифинг со новинарите во Москва.
Тој додаде дека снабдувањето на Западот со ново оружје за Украина „само ја влошува нејзината судбина.
„Овие одлуки не може да го свртат текот на специјалната воена операција. Тие можат само да ја влошат судбината на украинскиот режим во Киев“, рече тој.
Претходно на маргините на тековниот Самит на НАТО во Вилнус, Литванија, францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе ѝ достави на Украина ракети со долг дострел.