Германскиот канцелар Олаф Шолц и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп разговараа за билатералните односи и глобалните предизвици, се вели во официјалното соопштение објавено во понеделникот.
Шолц доцна во неделата му се јавил на Трамп за уште еднаш лично да му честита за неговиот избор за 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт.
„Канцеларот Олаф Шолц разговараше по телефон со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и уште еднаш лично му честиташе на изборната победа“, додаде тој.
Портпаролот посочи дека двајцата лидери размениле мислења за односите меѓу Вашингтон и Берлин и актуелните геополитички прашања.
Шолц ја истакнал посветеноста на Германија за одржување силни врски со САД. „Канцеларот ја истакна подготвеноста на Германија да ја продолжи повеќедецениската успешна соработка меѓу владите на двете земји“, рече Хебестрајт.
Тој додаде дека двајцата лидери разговарале и за најновата ситуација во Украина и нејзината одбранбена војна против Русија.
„Тие, исто така, се согласија да работат заедно за да се врати мирот во Европа“, заклучи Хебестрејт, без да наведе повеќе детали.