Со боева муниција е погодено возило на УНИЦЕФ

Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) објави дека едно од нивните возила во средата е погодено во Појасот Газа, каде што израелската војска продолжува со напади.

„Со боева муниција е погодено возило на УНИЦЕФ што чекало да влезе во Северна Газа. Инцидентот им е пријавен на израелските власти“, објави УНИЦЕФ на својот профил на социјалната мрежа Х.

„За жал, хуманитарните работници и понатаму се изложени на опасности при давањето помош што спасува животи. Доколку хуманитарните работници не бидат заштитени во согласност со меѓународното хуманитарно право, не е можно хуманитарната помош да стигне до оние на кои им е потребна“, наведе УНИЦЕФ во објавата.

Во соопштението УНИЦЕФ не даде информации дали во нападот има загинати.

Голема хуманитарна криза е присутна во Појасот Газа во кој живеат 2,3 милиони Палестинци. Израелската војска на тој простор почнувајќи од 7 октомври спроведува напади во кои како цел ги зема цивилните населби, училиштата и засолништата во кои се сместени раселените Палестинци. Истовремено Израел го спречува влезот на хуманитарната помош, со што го осудува палестинскиот народ на умирање од глад.

Во соопштението на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) од 10 март се наведува дека „гладот е присутен насекаде“ во Појасот Газа, простор што Израел го држи под опсада веќе 17 години.

Израел, обвинет за геноцид, започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.

Во овие напади досега се убиени околу 33.545 Палестинци, вклучително најмалку 14.280 деца и 9.340 жени, а повеќе од 76.094 се повредени во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни средства за опстанок.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Сѐ уште има илјадници мртви под урнатините, кои медицинските тимови и единиците на цивилна заштита не се во можност да ги извлечат поради постојаните напади и бомбардирања.

AA
Популарни