Зеленски: Русија планира пролонгирани напади со иранските беспилотни летала / Photo: AA

Русија планира продолжена кампања на напади со беспилотни летала врз Украина, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски, повикувајќи ги украинските сили да останат во состојба на висока готовност.

„Имаме информации дека Русија планира продолжен напад со шахедите“, рече Зеленски во синоќешното видеообраќање, мислејќи на иранските беспилотни летала што ги користи Москва во војната.

„Неговиот облог може да е на исцрпеноста. На исцрпеноста на нашите луѓе, на нашата воздушна одбрана, нашиот енергетски сектор“, рече Зеленски.

Тој истакна дека Украина ќе направи сè за да се осигура оваа офанзива да „не успее како и сите останати“.

Вчера, украинските власти соопштија дека собориле најмалку 22 од 40 дронови над главниот град Киев.

Зеленски ги пофали украинските сили за нивните напори, нагласувајќи дека „сите кои се вклучени во заштитата на украинското небо треба да бидат особено внимателни“.

Откако Русија вчера потврди за загубата на 63 свои војници во еден од најсмртоносните напади на украинските сили врз руски трупи во источен Доњецк, Зеленски рече дека Москва се соочува со очајна потреба да „мобилизира емоции“ со цел да го натера својот народ да верува дека „сè оди според планот“.

„Наша задача е да ѝ дадеме на Украина успеси, достигнувања, дури и мали победи секој ден“, рече украинскиот претседател.

„Секој дрон, секој соборен проектил, секој ден со струја за нашиот народ и минимални прекини на струјата се токму такви победи“, рече Зеленски во видеообраќањето.

TRT Balkan / агенции
Популарни