Колку чини разладувањето во базените во земјите од регионот?     Фото: АА

Кога температурите се високи, а останувањето под сенка не е опција, првото нешто што ви паѓа на ум е како и каде да се разладите. Најбрзата и најдобрата опција за тоа најчесто е да ги посетите базените во градот. Но сите метрополи во регионот не нудат исти услови, а нормално не нудат ниту иста цена. Билетите во базените од регионот започнуваат од 3 евра па нагоре.

Скопје со цени од пет евра

Градот Скопје не е познат по богатата понуда на базени во текот на летото. Двата затворени базени, „Воениот базен“, како и комплексот со тобогани кај СЦ „Борис Трајковски“ не ги задоволуваат дневните потреби на жителите на Скопје. Почетната цена за посета на овие базени започнува од 300 денари, па нагоре.

Еден од најпопуларните базени на кои скопјани се сеќаваат со носталгија е „Плаја Виста“. Овој базен, кој се наоѓа веднаш под скопското Кале, е нефункционален речиси една деценија.

Гермија ја освежува цела Приштина

За повеќе од 300.000 жители на Приштина, најбрзата опција за разладување е базенот Гермија. Со овој базен управува самата општина Приштина. Во овој базен можат да се релаксираат околу 4.000 посетители. Цената за возрасни е два евра, додека за деца 1 евро.

Многу алтернативи за граѓаните на Белград

Покрај градските базени, во последните години во Белград доста атрактивни станаа и приватните базени кои се изградени на периферијата на градот. Затоа, кога топлотните бранови ќе го зафатат овој град, постојат многу опции за разладување во добра средина.

За разлика од цените за базени со лизгалки и игралишта кои почнуваат од 11 евра, влезот во другите базени започнува од шест евра за возрасни и три евра за деца.

Каде се разладуваат граѓаните на Сараево?

Кога некој граѓанин или турист ќе реши да се разлади во некој од базените во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, особено во хотелските базени, потребно е да одвои минимум 7 евра.

Ова е цената што треба да ја платите за да влезете во еден од комплексите за базени во Сараево. Цените на билетите се менуваат за време на викендите. Но, за децата чини нешто поевтино.

Во градскиот базен цените почнуваат од 1,5 евра за деца, а над 3 евра за возрасни.

Понудата на хотелски базени е многу попримамлива поради детските игралишта и тобоганите.

Дневен престој за базен во Подгорица чини пет евра

Градскиот базен во главниот црногорски град Подгорица е отворен од 1 јуни. Заинтересираните кои сакаат да го посетат овој базен мора да платат пет евра доколку решат да останат цел ден.

За користење на Олимпискиот базен во Подгорица треба да платите 2,5 евра доколку останете до 12 часот. Месечниот билет за овој базен чини 50 евра и вклучува користење на чадори и лежалки.

Два популарни базени во Загреб

„Шалата“ и „Младост“ се двата популарни отворени базени во главниот хрватски град Загреб. Цената на билетите за влез во овие базени во текот на летото започнува од 1,5 евра за деца и до 3 евра за возрасни. Посетителите на комплексот „Шалата“ имаат на располагање три базени, почнувајќи од Олимпискиот базен, средниот и детскиот базен.

Ако се случи загрепчани да им здосадат класичните базени, како решение имаат и базени со тобогани. Привлечноста во овие типови на базени е загарантирана. Почетните цени за овие базени започнуваат од околу 13 евра.

TRT Balkan
Популарни