„Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Сакам да бидам сосема искрен до вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но исто така ви велам Заедно ќе ги совладаме задачите кои претстојат“, порачува германскиот канцелар Олаф Шолц во обраќањето до Северна Македонија објавено на веб страницата на германската амбасада во Скопје.
Северна Македонија според Шолц се соочува со со важна одлука дали сака да го прифати европскиот компромис и со тоа 17 години по добивањето на кандидатскиот статус конечно да се одржи пристапната конференција за членство.
„Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата. Јас ги разбирам вашата нетрпеливост и вашата фрустрација. Јас го разбирам вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ”, вели Шолц.
Тој истакнува дека компромисите некогаш значат болни отстапки, но убеден е дека тешките компромиси нè носат напред и нè прават посилни.
„Ние ве сакаме вас драги Македонки и Македонци зачленети во Европската унија во која се чуваат и негуваат вашите културни особености нашите различни јазици и идентитети”, порачува Шолц.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес, најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Во изминатите денови, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот, и според него, ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе до отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.