ЕУ подготвува самит на кој ќе ги покани лидерите на уште 17 држави     Фото: АА

Европската Унија (ЕУ) подготвува состанок на Европската политичка заедница што ќе се одржи во текот на Самитот на ЕУ во Прага следниот месец, на кој ќе се соберат лидерите на Унијата и на 17 други земји, меѓу кои и на земјите од Западен Балкан.

Неименуван висок претставник на ЕУ изјави дека состанокот на Европската политичка заедница е планиран пред неформалниот самит на лидери на ЕУ, чиј домаќин ќе биде Чешката Република на 6 и 7 октомври.

Покрај челниците на 27 членки на ЕУ, на тој состанок ќе бидат поканети и челниците на уште 17 други држави, меѓу кои и на земјите од Западен Балкан - Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, како и Туркије, Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија, Велика Британија, Исланд, Украина, Грузија, Молдавија, Ерменија и Азербејџан.

Главни теми за кои ќе се разговара на состанокот ќе бидат рускиот напад врз Украина, енергетската криза и економската ситуација.

Првиот состанок на Европската политичка заедница ќе се одржи на 6 октомври на маргините на Самитот на ЕУ во Прага. Следниот ден лидерите на ЕУ ќе го одржат својот планиран состанок.

За време на средбите ќе се разговара за многу теми како безбедноста, стабилноста, енергијата, климата, транспортот и економијата. На крајот на денот ќе се одржи завршна вечера на која се очекува лидерите да одржат и билатерални разговори.

Идејата за таканаречена Европска политичка заедница на дневен ред ја изнесе францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот на лидерите на ЕУ одржан во јуни. Раководството на ЕУ соопшти дека лидерите начелно ја прифатиле идејата.

Макрон наведе дека приклучувањето на Украина во ЕУ ќе потрае со години и сугерираше земјите кои ги делат истите вредности со ЕУ да се обединат под закрилата на Европската политичка заедница наместо да станат членки.

Официјалните претставници на ЕУ ја опишуваат Европската политичка заедница како „инклузивен процес“ во сопственост на ЕУ и трети земји. Истакнуваат дека тоа не е замена за проширувањето на Европската Унија или за политиките на ЕУ.

AA
Популарни