Фон дер Лајен: Босна и Херцеговина има свое место во Европската Унија     Фото: АА

Сите граѓани на Босна и Херцеговина (БиХ) се иднината на Европската Унија. Вашата иднина е во ЕУ. Тоа е затоа што граѓаните на БиХ длабоко веруваат во Европа, истакна претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која се наоѓа во официјална посета на Босна и Херцеговина.

Фон дер Лајен денеска во Домот на Оружените сили во Сараево им се обрати на бројните политичари, претставници на невладиниот сектор, на културата и на новинарите по повод неодамнешната препорака на Европската комисија БиХ да добие статус на кандидат во ЕУ.

„Босна и Херцеговина има свое место во Европската Унија. Вие сте дел од Европа“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека неодамнешната одлука на Европската комисија за кандидатскиот статус на БиХ за членство во ЕУ претставува успех на целата земја.

Таа посочи дека сега новоизбраните лидери во БиХ треба да ги спроведат потребните реформи поради подобрата иднина на БиХ.

Претседателката на Европската комисија потсети дека БиХ добила препорака за кандидатски статус, што покажува напредок постигнат во тешките услови.

„Лекцијата од тоа е дека доколку постои желба, тогаш постои и начин нешто да се оствари. Сега е време земјата да се обедини и напредува по европскиот пат“, рече Фон дер Лајен.

70 милиони евра за енергетскиот сектор

Во продолжение таа најави дека БиХ краткорочно ќе добие 70 милиони евра средства за енергетскиот сектор, со цел поголема енергетска независност.

Таа нагласи дека соработката меѓу европските земји особено е важна сега кога трае руската војна во Украина.

„Гледаме дека Русија не води војна само против Украина, туку и енергетска војна. За нас во ЕУ, како и за вас, многу е важно да сме заедно. Многу луѓе чувствуваат загриженост поради војната во Украина, но најдобро решение е силна соработка и да се држиме заедно. Сѐ додека работиме заедно, силни сме“, рече лидерката на Европската комисија.

На крајот таа истакна дека во моментов се чувствува новиот моментум и ветрот на промени во БиХ.

„Сега е време БиХ да тргне напред, доколку постои волја и начин“, рече Фон дер Лајен, напоменувајќи дека најдобар пример за тоа е босанскохерцеговската пливачка Лана Пудар, која и покрај тешките услови, станала шампионка на Европа.

„Нејзината победа е и победа на Босна и Херцеговина. Ова е сон на сите ваши млади луѓе и на вашата земја. Токму како Лана, и вие можете да ја остварите својата цел ако ја преземете одговорноста и ако се држиме заедно“, рече Фон дер Лајен.

Фон дер Лајен пред обраќањето во Домот на Оружените сили имаше средба со претседавачот на Претседателството на Федерацијата БиХ, Шефик Џаферовиќ и со членовите на Претседателството на Федерацијата БиХ, Жељко Комшиќ и Милорад Додик.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина во рамките на регионалната турнеја на Западен Балкан. Посетата се одвива во контекст на неодамнешната препорака на Европската комисија за доделување статус кандидат на БиХ, со цел нагласување на пораката дека иднината на земјата е во Европската Унија.

TRT Balkan / агенции
Популарни