Премиерот на Унгарија Виктор Орбан денеска во Србија изјави дека желбата на Унгарија е да ја промени политиката на европските санкции, бидејќи на енергетски план тие се поболни за Европа отколку за Русија.
Орбан рече дека Европејците се „енергетски џуџиња“ кои воведуваат санкции на „енергетскиот гигант“ и дека според него посилните воведуваат санкции за послабите.
„Лесно е да се прилагоди политиката на санкции од Париз, Брисел и Берлин, но ние сме поблиску до санкционираната земја - Русија. Кој е поблиску страда повеќе. Не е чудно што унгарскиот став е далеку од оној на Брисел - 2.000 километри“, рече Орбан во Белград на прес-конференцијата по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тој додаде дека санкциите се лоши и болни и дека се закануваат да ги проголтаат претходните економски успеси на Европа, додека Вучиќ рече дека Србија нема воведено никаков пакет санкции и дека поради тоа е во дополнителен проблем и посочи дека од 1 ноември „како трета земја“ нема да може да прима руска нафта.
Вучиќ рече дека со Орбан се договориле следните шест месеци да бидат од клучно значење за опстанокот на Србија и Унгарија и дека тесно ќе соработуваат за полесно справување со зимата.
Вучиќ на Орбан му го врачи Орденот на Србија за исклучителни заслуги во развивањето и зајакнувањето на соработката и пријателските односи меѓу двете земји и посочи дека односите меѓу двете земји се на највисоко ниво и дека Орбан е „ голем и искрен пријател на Србија и на српскиот народ“.
Тој изрази благодарност до Орбан за недвосмислената поддршка од Унгарија на европскиот пат на Србија и за сите важни прашања.
Орбан рече дека Унгарија и Србија мора да бидат пријатели и дека заедно мора да ја „бранат јужната врата на Европа“.
„Кога владата и јас работиме во интерес на српско-унгарското пријателство, јас работам на исполнување на старото разбирање. Унгарија и Србија мора да бидат пријатели“, рече Орбан.
Тој се пошегува дека пријателството е прекинато само во едно - во ватерполо, каде што треба да се борат во базен.