„Потсетувам дека односите меѓу Северна Македонија и Република Туркије беа константни и конзистентни во текот на овие 30 години, секогаш зајакнувајќи сè повеќе и повеќе“, рече Османи.     Фото: АА

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека односите помеѓу Северна Македонија и Република Туркије се добри и се засноваат на духот на традиционално партнерство и пријателство меѓу две земји, што се рефлектира вво сите аспекти на општественото живеење.

Шефот на македонската дипломатија ова го истакна во интервју за Агенција Анадолија (АА) по повод 26 август, 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски врски меѓу Северна Македонија и Туркије.

„Потсетувам дека односите меѓу Северна Македонија и Република Туркије беа константни и конзистентни во текот на овие 30 години, секогаш зајакнувајќи сè повеќе и повеќе“, рече Османи.

.„Веројатно малкумина го знаат овој факт дека Туркије го испрати првиот амбасадор во Северна Македонија. Значи, првиот амбасадор кој пристигна во Скопје по независноста е од Република Туркије. Тоа е втората земја, ми се чини, која ја признала независноста на државата или ја признала државата, што значи дека од почетокот на независноста на оваа држава немала никакви дилеми за иднината на државата и поддршката што земјата ќе ја има од Република Туркије и потоа низ целиот период ги поддржуваше нашите напори за вклучување во меѓународните организации, за меѓународно етаблирање, се разбира и преку тешкотиите што ги имавме за време на ова патување за меѓународно етаблирање, позицијата на Република Туркије отсекогаш била недвосмислена, честопати дури и со одвоено мислење од другите, во поддршка на Северна Македонија“, истакна Османи.

Тој додаде дека поддршката од Туркије ги охрабрила граѓаните во тешките моменти на формирање на државноста и меѓународното етаплирање.

„Од 2008 година имаме договор за стратешко партнерство со Република Туркије, што дава друга димензија на оваа соработка, која потоа треба да се преточи во проекти или конкретна соработка меѓу луѓето, институциите и воопшто државите“, рече Османи.

Фокус на економијата, зголемување на трговската размена

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, рече дека годинава имал две посети во Туркије, едната во Истанбул заедно со премиерот Димитар Ковачевски, каде се сретнале со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и друга во Анкара, каде што се сретнал со турскиот колега Мевлут Чавушоглу.

„И во Анкара и во Истанбул дојдовме до заеднички заклучок дека новата цел е да се надмине 1 милијарда евра трговска размена со Република Туркије годишно. Сега сме некаде помалку од тоа, но ја дефиниравме како цел дека треба да има трговска размена од 1 милијарда евра.

И покрај широката соработка меѓу двете земји и во други сфери, Османи вели дека иднината е во економската соработка.

Нема отворени прашања меѓу двете земји

Министерот Османи е задоволен од позитивниот тренд во односите со Туркије, а вели дека партнерството добило поттик со членството на земјата во НАТО.

„Мислам дека партнерството во НАТО ни дава нов квалитет во нашите односи, во нашите погледи за случувањата во регионот, за случувањата во светот. Ние партнерството во НАТО го гледаме како многу важна платформа за развојот на соработката со Република Туркије“, рече Османи.

Споредувајќи ги односите меѓу државите со меѓучовечките односи, Османи вели дека комуникацијата со Турција е отворена, односите се живи и нема отворени прашања.

„Почнаа да се бројат деновите и месеците до полноправното членство во ЕУ“

Зборувајќи за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, шефот на дипломатијата Османи вели дека по 17 години кандидатски статус, се започнати преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).

„Првично, преговорите започнуваат со скринингот кој трае околу 15-16 месеци, во кој нашите задачи се јасно дефинирани при отворањето на поглавјата. Се започнува со поглавјата 23-24 кои се фокусираат на владеењето на правото, безбедноста, основните права, а потоа се продолжува со други поглавја кои не треба да се гледаат само како формални поглавја за исполнување на критериумите, туку секое поглавје ќе го направи европски тој сектор од општеството.“, рече Османи.

„Никој нема да ја држи во заложништво иднината на државата“

Зборувајќи за неопходните уставни измени кои произлегуваат од билатералниот Протокол потпишан меѓу Северна Македонија и Бугарија, Османи се надева дека овие измени ќе се направат во текот на овој парламентарен состав.

„ Вклучувањето на бугарската, хрватската, црногорската заедница заедно со другите заедници што се тука само ја збогатува државата. Земјата се докажа како држава која има отворени односи со заедниците. Оваа го направи Хрватска пред да стане членка на Европската Унија, го отвори Уставот и воведе 25 заедници во Уставот, дури и оние симболичните кои се со симболична бројка, а тоа само ја направи Хрватска посилна, не ја ослабна. Такви ќе нè направи и нас. Сега, секако, политичките партии ги користат овие моменти кои имаат компоненти, мотиви во дебатата за дневна политика. Но, потсетувам дека на крајот никој нема да ја држи во заложништво иднината на државата поради помала или поголема политичка калкулација“, рече Османи.

Додека во соседна Бугарија се најавени предвремени парламентарни избори, Османи вели дека во иднина треба да се отстранат предрасудите создадени во двете земји и минатото да биде столб за градење на иднината.

AA
Популарни