Шестмината лидери на балканските земји ги потпишаа договорите во Берлин     Фото: МИА / Photo: MIA

Поедноставена процедура на минување на граничните премини, намалување на времето на чекање потребно за признавање на дипломите и воспоставување на заеднички механизам за признавање на стручните квалификации. Ова се главните бенефиции кои граѓаните на државите од Западен Балкан ќе ги добијат со трите договори кои денеска беа потпишани на Самитот во рамки на Берлинскиот процес.

Со договорот за слобода на движење и престој односно за взаемно признавање на личните карти се поедноставува минувањето на границите и административните премини за граѓаните од регионот.

Според овој договор за премин преку граница на граѓаните од регионот ќе им биде потребна само лична карта. Исто така предвидено е поедноставување на процедурите за краток престој и транзит низ земјите од регионот.

Во однос на дипломите се скусува рокот за нивно признавање од неколку месеци на 14 дена. Овозможена е размена на студенти и академски персонал врз основа на Лисабонската декларација за признавање дипломи, Болоњскиот процес и правилата на ЕУ. За почеток овие новитети ќе се применуваат на државните универзитети и постепено ќе се прошират и на приватните. Се намалуваат и бирократските процедури со цел младите полесно да можат да студираат и да работат во земјите од регионот.

Поедноставени и без надокнади ќе бидат процедурите за признавање на стручните квалификации. Договорот за меѓусебно признавање на професионални квалификации за лекарите, стоматолозите и архитектте предвидува автоматско признавање на квалификациите бидејќи тие недостасуваат на пазарот на труд.

И со него се создава основа за мобилност во рамки на целиот регион. Во иднина ќе се разгледува можноста со договорот да бидат опфатени и гинеколози, медицински сестри, фармацевти и ветеринари.

Договорите ги потпишаа премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, на Албанија, Еди Рама, на Косово Албин Курти, на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, премиерката на Србија Ана Брнабиќ и претседателот на Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија.

На потпишувањето присуствуваа германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен и генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.

TRT Balkan / агенции
Популарни