Австрија, Хрватска и Словенија сакаат Брисел во следните два месеци да започне преговори со Босна и Херцеговина за нејзиниот прием во Европската унија, изјави словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон по годишниот редовен состанок на Дунавските земји што се одржа во Брдо кај Крањ.
„Да, апсолутно. Имаме заедничка цел разговорите меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина во врска со пристапувањето да започнат до крајот на оваа година. Работиме напорно на тоа“, рече Фејон во обраќањето пред новинарите.
Босна и Херцеговина доби статус на кандидат за членство во декември 2022 година, но преговорите сѐ уште не се започнати.
„Австрија, Хрватска и Словенија се големи пријатели на проширувањето на ЕУ. Сметаме дека сега е политички момент ЕУ да се придвижи кон ново проширување, со цел Европа да стане посилна и пообединета поради геополитичката ситуација“, рече Фејон.
„Сепак, тоа е двонасочна улица, и ЕУ и земјите кандидати мора да бидат подготвени“, додаде таа.
Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг изјави дека неговата земја, Словенија и Хрватска се „добри пријатели на Босна и Херцеговина“, но „тие не се единствените“.
„Сакаме да започнат разговорите со Босна и Херцеговина“, истакна Шаленберг.
Некои, исто така, се залагаат за отворање на пристапните преговори за членство со Украина и Молдавија до крајот на годината, барајќи забрзана процедура за овие две земји.
Австрискиот министер смета дека сите земји кандидати мора да имаат еднаков статус.
„Нашиот став е јасен, не сакаме да имаме две класи на земји кандидати. Би било грешка некои да ги сметаме за попривилегирани од другите“, рече Шалнберг, додека земјите од Западен Балкан стојат во чекалната со години.